Ова е најдобрата земја за патување по 60-тата, Европа остана без првото место

Најдобрата земја за патување по 60-тата не е ниту Шпанија, ниту Италија, ниту некоја од познатите медитерански дестинации. Ново глобално рангирање на 100 земји го постави Јапонија убедливо на првото место за повозрасни патници, додека Европа доминира во остатокот од листата – осум од десетте најдобро рангирани земји се европски.

Истражувањето на туристичката компанија Firebird Tours не анализира каде е најевтино да се преселите по пензионирањето, туку каде е најпријатно и најпрактично да патувате како повозрасен турист. Во анализата се земени предвид седум групи показатели: уделот на населението над 65 години, попустите за пензионери во музеи и јавниот превоз, можноста градовите лесно да се истражуваат пеш, здравствената заштита, безбедноста и понудата на културни и гастрономски содржини.

Јапонија заврши убедливо прва со вкупен резултат од 71 поен, додека второпласираната Германија има 133. Кај ова рангирање понискиот број е подобар, бидејќи конечниот резултат се добива со собирање на позициите на земјата во различните категории.

Една од најголемите предности на Јапонија е фактот што 29,5 отсто од населението е на возраст од 65 години или повеќе. Тоа, според авторите на истражувањето, придонело земјата со години да развива инфраструктура и услуги приспособени на повозрасното население. Токио добил максимална оценка за можноста за движење пеш, а посетителите над 70 години имаат бесплатен влез во Националниот музеј во Токио.

Но, ако Јапонија го освои врвот, Европа ја освои листата.

Германија е втора, Шпанија трета, а најголемото изненадување доаѓа од непосредното соседство на Балканот – Словенија е четврта и успеала да ги остави зад себе Швајцарија, Австрија, Италија, Франција и САД.

Ова се десетте најдобро рангирани земји и градовите што се издвојуваат во анализата:

МестоЗемјаИздвоен градШто се издвојува
1ЈапонијаТокиоМаксимална проодност, бесплатен Национален музеј за лица над 70 години
2ГерманијаБерлинМаксимална оценка за движење пеш, силен јавен превоз и културна понуда
3ШпанијаМадридМаксимална проодност и значителни поволности во музејот Прадо
4СловенијаЉубљанаИсклучително безбедна и лесна за истражување пеш
5ШвајцаријаЦирихВисока безбедност, добар јавен превоз и попусти за повозрасни посетители
6АвстријаВиенаПроодна, богата со музеи, класична музика и културни содржини
7ДанскаКопенхагенДо 70% попуст на јавниот превоз за повозрасни посетители
8ФинскаХелсинкиВисоко рангирано здравство, безбедност и лесно движење пеш
8ХоландијаАмстердамМаксимална проодност и развиена културна и музејска понуда
10КанадаОтава / ТоронтоВисоко рангирано здравство, безбедност и попусти во Торонто

Табелата не претставува посебно рангирање на градовите. Firebird Tours ги рангира земјите, додека градовите се издвоени според показателите и примерите користени во самото истражување.

Германија, која е најдобро рангираната европска земја, има 54 места на листата на светското наследство на УНЕСКО и стотици ресторани со Michelin ѕвезди. Берлин, според анализата, добива максимални пет од пет за можноста градот да се истражува пеш, а германскиот здравствен систем е седми во користеното глобално рангирање.

Шпанија е трета благодарение на комбинацијата од клима, култура, здравство и градови погодни за пешачење. Мадрид има максимална оценка за проодност, додека Прадо нуди значителни поволности за повозрасните посетители. Земјата има и 50 локации под заштита на УНЕСКО. Слабоста е што дел од попустите во јавниот превоз важат само за жители, а не и за туристи.

Словенија е можеби најинтересното откритие на целата листа. Љубљана добива максимална оценка за движење пеш, земјата е меѓу најбезбедните во анализата, а повозрасните посетители од ЕУ можат да користат и значителни транспортни поволности. Според Firebird Tours, токму четвртото место на Словенија е резултатот што најмалку се очекувал.

Швајцарија ја дополнува првата петорка, пред Австрија и Данска. Данска особено се издвојува по јавниот превоз: истражувањето наведува дека повозрасните посетители можат да добијат попуст до 70 отсто, највисок меѓу најдобро рангираните дестинации што го нудат и на туристи, а не само на жители.

Финска и Холандија го делат осмото место, а Канада е десетта и единствената северноамериканска држава во топ 10. Италија е 11-та, Хрватска го дели 13-тото место со Унгарија, Португалија е 17-та, Грција 19-та, Бугарија 21-ва, а Франција дури 24-та.

Интересно е што традиционалната туристичка репутација не била доволна за висока позиција. Франција има повеќе ресторани со Michelin ѕвезди од која било друга земја во анализата, а Италија води според бројот на локалитети на светското наследство на УНЕСКО, но безбедноста, здравството, проодноста и реално достапните попусти за странски посетители значително влијаеле врз конечниот резултат.

Целосното рангирање на првите 25 земји изгледа вака: Јапонија, Германија, Шпанија, Словенија, Швајцарија, Австрија, Данска, Финска и Холандија на делено осмо место, Канада, Италија, Чешка, Унгарија и Хрватска, Полска и Австралија, Португалија и Белгија, Грција, САД, Бугарија, Тајланд, Шведска, Франција, Сингапур и Јужна Кореја.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?