Александар Лазаров од Кочани имал стан и шест автомобили за кои се верува дека се стекнати под сомнителни околности, се бара конфискување

Кочани

Основниот суд во Кочани поднел и барање за определување привремена мерка за обезбедување – привремено одземање на движен и недвижен имот согласно член 202 од Законот за кривичната постапка, односно имот поврзан Александар Лазаров од Кочани, имот за кој постои сомнение дека е поврзан со криминална активност.

„Од преземените дејствија до овој момент постои сомнение дека еден стан и вкупно шест автомобили, од кои дел биле запишани на други лица, фактички се наоѓаат во владение и на располагање на осомничениот. Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека истиот претставува имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист“, пишува во соопштението од Обвинителството.

Ова е дополнителна мерка за Александар Лазаров од Кочани, за кого имаше меѓународна потерница откако избега од полициската станица, а во исто време за овој случај Јавното обвинителство донесе наредба за истражна постапка, информираат оттаму.

„Основното јавно обвинителство Кочани на 10 јули донесе Наредба за спроведување истражна постапка, која покрај овој осомничен опфаќа уште едно лице, а се однесува на кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, кое го сториле како соизвршители. Истрагата е поведена затоа што кај осомничените, при претрес во автомобил, биле пронајдени осум грама наркотична дрога – кокаин. По предлог на јавниот обвинител, истиот ден на лицето му беше определена мерка притвор. По лишувањето од слобода, јавниот обвинител денеска беше известен и лицето веднаш е испратено на издржување на притворската мерка“, се наведува во соопштението од ОЈО.

Најчитано