Бугарија бара крај на надзорот за Македонците во Бугарија

Бугарската претседателка Илијана Јотова побара Советот на Европа да го заврши надзорот над извршувањето на пресудите поврзани со ОМО „Илинден“, тврдејќи дека Бугарија ги направила потребните законски измени за организациите што се повикуваат на македонско малцинство да можат да се регистрираат.

Но предметот сè уште не е затворен. Комитетот на министри на Советот на Европа неделава повторно го разгледува спроведувањето на пресудите од групата „Обединета македонска организација Илинден и други против Бугарија“, а одлуките од седницата од 15 до 17 септември треба да бидат објавени на 18 септември.

Јотова во Стразбур изјави дека очекува контролата над извршувањето на овие пресуди наскоро да биде завршена.

Според неа, Бугарија ги исполнила препораките што ѝ биле дадени и во координација со Агенцијата за впишување го изменила законодавството за да овозможи регистрација на организациите.

„Го променивме законот заедно со Агенцијата за впишување за да можат таму да се регистрираат. За жал, тие секојпат пропуштаат некаков документ“, изјави Јотова, според бугарските медиуми.

Бугарското претседателство официјално потврди дека Јотова во разговорот со претседателот на Европскиот суд за човекови права Матиас Гијомар изразила надеж дека надзорот врз групата предмети „ОМО Илинден против Бугарија“ наскоро ќе заврши.

Сепак, досегашните документи на Советот на Европа покажуваат дека прашањето не е сведено само на тоа дали при секое ново барање недостасувал одреден документ.

Групата предмети се однесува на повеќегодишни неоправдани одбивања на бугарските судови да регистрираат здруженија чија цел, меѓу другото, била признавање на македонско малцинство во Бугарија. Европскиот суд за човекови права во повеќе случаи утврдил повреди на член 11 од Европската конвенција, кој го гарантира правото на слобода на здружување.

Советот на Европа во претходните години во повеќе наврати бараше од Софија да преземе дополнителни мерки. Во 2023 година Комитетот на министри констатираше дека здруженијата поврзани со ОМО „Илинден“ и натаму редовно се соочуваат со одбивање на регистрацијата и побара „решителна акција“ за да се обезбеди практично и ефективно остварување на правото на здружување.

Состојбата почна да се менува во текот на 2025 година.

Во последниот извештај доставен од бугарските власти се наведува дека Комитетот на министри во септември 2025 оценил дека не се потребни дополнителни посебни општи мерки, но побарал да продолжи следењето на ефектот од новите правила и да се провери дали новите барања за регистрација навистина се разгледуваат во согласност со член 11 од Европската конвенција.

Бугарските власти како аргумент наведуваат и новите упатства за регистрација усвоени во 2025 година.

Во официјалниот извештај Софија посочува два нови обиди на ОМО „Илинден“ за регистрација во јули 2025 година, кои повторно биле одбиени. Според бугарската влада, причините биле формални недостатоци во документацијата, вклучително непријавена дополнителна дејност и неправилности со потписите на одлуките од основачкиот состанок.

Токму врз ова Бугарија ја темели сегашната позиција – дека правната рамка веќе овозможува регистрација, а евентуалните нови одбивања произлегуваат од начинот на кој организациите ги поднесуваат документите.

Но групата „ОМО Илинден и други“ сè уште официјално се води меѓу предметите под засилен надзор на Комитетот на министри. Во последната објавена табела на Советот на Европа таа е наведена како комплексен проблем поврзан со неоправдано одбивање на регистрација на здружение кое се залагало за признавање на македонското малцинство во Бугарија.

Дополнително, Советот на Европа на 16 септември соопшти дека повеќе од 160 пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права против Бугарија во моментов сè уште чекаат целосно извршување. Меѓу предметите што се разгледуваат неделава експлицитно ја наведе и групата ОМО „Илинден“.

Тоа значи дека изјавата на Јотова претставува бугарска позиција дека условите за затворање на предметот се исполнети, но конечната оценка не ја носи бугарската влада или претседателот.

Таа е во рацете на Комитетот на министри на Советот на Европа, кој го надгледува извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Прашањето има и директна политичка тежина за односите меѓу Скопје и Софија.

Македонската влада во повеќе наврати го поставува спроведувањето на пресудите од Стразбур за здруженијата на Македонците во Бугарија како дел од поширокото прашање за човековите права и гаранциите што ги бара во процесот на евроинтеграција.

Јотова, пак, во Стразбур оцени дека предметите поврзани со ОМО „Илинден“ се користат против Бугарија и се обиде да го одвои прашањето од македонско-бугарскиот спор околу пристапувањето на Македонија во ЕУ.

Дали Советот на Европа ќе ја прифати бугарската оценка дека е постигнат доволен напредок за затворање на надзорот ќе биде појасно со објавувањето на одлуките од тековната седница на Комитетот на министри на 18 септември.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?