ЦУК: До 14 часот регистрирани осум пожари на отворено, три сѐ уште се активни

пожари
Архивска фотографија

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 14:00 часот денеска на територијата на државата се регистрирани вкупно осум пожари на отворен простор. Од нив, три се активни, еден е ставен под контрола, а четири се целосно изгаснати.

Според информациите од ЦУК, активни се пожарите во дебарското село Гари, каде што гори ниска вегетација и нискостеблеста мешана шума, во кумановската населба Перо Чучо, каде што е зафатена депонија и ниска вегетација, како и на депонијата во Пехчево.

Под контрола е ставен пожарот на депонијата кај селото Дворци во општина Пласница.

Во меѓувреме, пожарникарите успеале да ги изгаснат пожарите кај селото Казан Дол во општина Валандово, во селото Инџиково во општина Гази Баба, кај селото Руѓинце во општина Старо Нагоричане и во близина на „Риал Компани“ во општина Врапчиште, каде што горела ниска вегетација.

Од Центарот за управување со кризи продолжуваат да ја следат состојбата на терен и апелираат на внимателно однесување за да се спречи појава на нови пожари, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од нивно брзо ширење.

Најчитано