Зимското сметање на времето годинава почнува на 25 октомври, еден календарски ден порано отколку во 2025 година.
Стрелките на часовниците во Македонија годинава ќе ги вратиме еден час наназад во недела, на 25 октомври. Во 3 часот по полноќ часовникот ќе се врати на 2 часот, со што официјално ќе заврши летното и ќе почне зимското сметање на времето.
Промената практично ни носи еден дополнителен час за спиење во таа ноќ. Денската светлина, според часовникот, ќе започнува порано наутро, но и сонцето ќе заоѓа еден час порано, па попладневното стемнување ќе стане значително позабележливо.
Зимското сметање оваа година календарски пристигнува еден ден порано од лани, кога часовниците се поместија на 26 октомври. Причината е едноставна: преминот секогаш се врши во последната недела од октомври, а не на фиксен датум.
Паметните телефони, компјутерите и повеќето дигитални уреди автоматски ќе го променат времето. Рачно ќе треба да се приспособат ѕидните часовници, часовниците во автомобилите и постарите електронски уреди.
Иако Европскиот парламент уште во 2019 година поддржа укинување на сезонското поместување на часовниците, земјите членки не постигнаа конечен договор. Затоа практиката продолжува, а следното преминување на летно сметање е предвидено за 28 март 2027 година.

