Македонското градежништво се подготвува за поголем пресврт – европските еврокодови треба да ги заменат старите стандарди и да станат основа за проектирање и изградба на објектите.
Стручната фела смета дека примената на овие стандарди ќе донесе поголема сигурност, подобар квалитет и поголема безбедност во сите фази, од проектирањето до изведбата. Еврокодовите во себе го обединуваат европското инженерско искуство и се применуваат како основа за градење во европските земји.
Во моментов во земјава паралелно се користат прописи од 80-тите и 90-тите години и еврокодовите. Од Градежниот факултет сметаат дека треба да се направи целосен премин кон европските стандарди.
Но, прашањето што ги интересира идните купувачи е дали посигурното градење ќе значи и поскапи станови.
Деканот на Градежниот факултет Јосиф Јосифовски вели дека воведувањето на еврокодовите не значи автоматски зголемување на цената на квадратот. Според него, стандардите се флексибилни и овозможуваат трошоците да се приспособат на конкретните потреби.
Ова доаѓа во период кога цените на становите и онака се на високо ниво. Во вториот квартал од 2026 година, според податоците на Народната банка, становите во Скопје поскапеле 13,3% во однос на истиот период лани. Во првиот квартал годишниот раст изнесувал 16,7%.
Податоците од Регистарот на цени и закупнини покажуваат дека во првиот квартал просечната реализирана цена на стан во Скопје била околу 1.266 евра за квадратен метар, со значителни разлики меѓу општините – од околу 828 до 1.735 евра за квадрат. Кај најатрактивните новоградби во Центар се регистрирани и трансакции близу 3.000 евра за квадрат.
Од друга страна, актуелните огласени, а не реализирани цени, се уште повисоки. Според агрегаторот ЦенаКвадрат, просечната барана цена во Скопје во септември 2026 достигнува околу 2.158 евра за квадрат.
Затоа, еврокодовите отвораат две паралелни прашања – како да се подигне безбедноста и квалитетот на градбите, без новите стандарди дополнително да го оптоварат и онака скапиот квадрат.
Стручната фела, сепак, смета дека повисоките стандарди не треба автоматски да се поистоветуваат со повисока цена, туку со поквалитетно и побезбедно градење.

