Филипче: Фон дер Лајен му ја одзеде лагата на Мицкоски за идентитетот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека пораките на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Скопје ги демантирале тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека македонскиот идентитет е загрозен.

„Нема Христијан повеќе што да лаже. Не може повеќе да глуми патриот кој ги штити националните интереси, поради тоа што вистината е дека тие се заштитени и никој, никогаш, на ниту еден начин, нема да може да ни ги одземе“, рече Филипче на прес-конференција.

Според него, токму затоа Мицкоски не бил задоволен од посетата на Фон дер Лајен.

„Претседателката Фон дер Лајен му ја одзеде лагата“, рече Филипче.

Тој се осврна и на претходните ставови на Мицкоски за Преспанскиот договор, посочувајќи дека пред доаѓањето на власт ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека со договорот е загрозен македонскиот идентитет.

„Велеше, идентитетот е загрозен, ќе го поништиме Преспанскиот договор. И што направи човекот? Ништо“, рече Филипче, додавајќи дека и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потврдила дека договорот го штити националниот идентитет.

Според лидерот на СДСМ, последните пораки од Брисел ги потврдиле ставовите што неговата партија ги застапувала за македонскиот идентитет и јазик.

Тој го посочи Преспанскиот договор како потврда за идентитетот, а договорот со Фронтекс како потврда за македонскиот јазик.

„Идентитетот зачуван, потврден со Преспанскиот договор. Јазикот потврден со договорот Фронтекс, потпишан на чист македонски јазик“, рече Филипче.

Тој ја обвини Владата дека со блокирањето на европскиот процес ја држи државата во изолација и дека поради тоа се губат развојни можности.

„Не напредуваме, стоиме во место. Поминуваат шансите покрај нас, а младите луѓе се селат“, рече Филипче.

На крајот, претседателот на СДСМ повторно го обвини Мицкоски дека со темата за идентитетот градел политичка позиција која, според него, е демантирана со последните изјави на Фон дер Лајен.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?