Филипче: Имаме признание – во Владата на Мицкоски врие од бугарски пасоши

Филипче

Претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати остри обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека „во Владата врие од луѓе со бугарски пасоши“, откако парламентарното мнозинство го одбило предлог-законот на СДСМ со кој премиерот, вицепремиерите, министрите и членовите на Владата не би можеле да поседуваат двојно државјанство.

Филипче оцени дека одбивањето на законското решение е доказ за, како што рече, лицемерната политика на власта. Според него, доколку законот бил прифатен, „пола влада требало веднаш да си замине“. Тој обвини дека функционери од власта со години ширеле страв и „лажен патриотизам“, додека истовремено обезбедувале бугарски пасоши и европски документи за себе и за своите семејства.

„Какво лицемерие и какво лажење на сопствените граѓани. Прво го признаа Преспанскиот договор како ремек-дело на дипломатијата. Потоа признаа дека со тој договор се заштитени националниот идентитет, јазикот и културата. Понатаму признаа дека благодарение на НАТО нашата безбедност е гарантирана и тоа придонесува за подобра бизнис-клима. И сега дојде време за уште едно признание, дека Мицкоски има влада полна со луѓе со бугарски пасоши и бугарски државјанства“ истакна Филипче.

Филипче рече дека следното признание што, според него, треба да го направи власта е дека „целата пропаганда“ околу националните прашања служела единствено за доаѓање на власт и блокирање на европскиот пат на државата. Тој оцени дека внесувањето на Бугарите и другите малцинства во Уставот ќе значи дополнително зајакнување на македонскиот идентитет, бидејќи, како што рече, на тој начин јасно се прави разлика меѓу македонскиот народ и бугарското малцинство во земјата.

Претседателот на СДСМ порача дека реформите и продолжувањето на евроинтеграциите не смеат повеќе да се одложуваат, додавајќи дека „малцинствата во Уставот треба да се случат час поскоро“, со порака „реформи сега и Европа сега“.

Најчитано