Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го посочи премиерот Христијан Мицкоски дека е „најуспешниот проект на големосрпската политика во изминатите децении“, посочувајќи дека влијанието на таканаречениот „српски свет“ во Македонија било забележано и во извештаите на Европскиот парламент.
Филипче на денешната прес-конференција рече дека предупредувањата за српското политичко влијание не доаѓаат само од СДСМ, туку и од европските институции. Според него, опозицијата располага со дополнителни аргументи за начинот на кој тоа влијание се шири во државата.
Како пример го посочи министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, кого го обвини дека од висока државна позиција промовира интереси на друга држава. Филипче реагираше и на неговите средби со претставници од Србија и на отсуството на реакција од Владата по изјави поврзани со Македонија и Македонската православна црква.
Лидерот на СДСМ најави дека партијата во текот на септември ќе поднесе интерпелација за Стоилковиќ. Тој смета дека функционер кој, според неговите обвинувања, дејствува спротивно на интересите на државата не може да остане на висока владина позиција.
Филипче го обвини Мицкоски дека го штити Стоилковиќ и дека молчењето на премиерот покажува оти двајцата се дел од иста политичка операција. Тој најави дека СДСМ јавно ќе ги презентира информациите и аргументите со кои располага.
На прес-конференцијата беше отворено и прашањето за регионалното медиумско влијание. Филипче рече дека СДСМ ја следи постапката пред Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за влезот на медиумите „Ало“, како и работењето и финансирањето на „Еуроњуз“ во Македонија.
Тој побара одговори за сопственоста, начинот на финансирање и правниот статус на овие медиумски субјекти, тврдејќи дека зад нив стојат лица блиски до српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Филипче соопшти дека партијата за овие прашања редовно ги информира претставниците на Соединетите Американски Држави, Европската Унија и амбасадите на земјите од Квинтата. Тој дополнително ја обвини власта дека ги поткопува медиумските слободи, го ограничува говорот на опозицијата и ја загрозува демократијата во земјата.

