Игор Ивановски, кој со Платформата „12:05“ претендира да го смени раководството на СДСМ и политички да го потисне Венко Филипче, на едно од клучните државни прашања заврши на речиси иста позиција со премиерот Христијан Мицкоски. Двајцата велат дека се за Европската унија, но „не по секоја цена“. А во „муабетот“ им се приклучи и Левица со Мециновиќ.
Разликата е што едниот ја води Владата, а другиот сака да го менува раководството на најголемата опозициска партија.
Тоа преклопување станува уште поинтересно по пораките на Урсула фон дер Лајен од Скопје. Претседателката на Европската комисија порача дека Македонија припаѓа во ЕУ, дека ќе биде пречекана со својот идентитет и јазик и дека македонската култура и македонскиот јазик ќе ја збогатат Унијата.
Истовремено, таа повтори дека останува клучниот чекор за продолжување на преговорите – исполнувањето на преземените обврски и отворањето на кластерот Темели.


Иста формула од власта и од оние што сакаат нова опозиција
Мицкоски одамна ја користи формулата дека Македонија нема да стане членка на ЕУ „по секоја цена“.
Неговиот аргумент е дека уставните измени не смеат да бидат чекор по кој ќе следуваат нови билатерални условувања од Бугарија. Владата бара предвидливост и гаранции дека европскиот процес нема повторно да биде блокиран со нови барања.
Ивановски практично го повтори истиот политички речник.
„Јас сум за ЕУ, но не по секоја цена и на ваков начин“, рече тој, додавајќи дека внесувањето на Бугарите во Уставот само по себе нема да го реши членството на Македонија во Унијата.
Нема доказ дека позициите на Ивановски и Мицкоски се координирани.
Но политичката паралела е очигледна.
Платформата што бара промена на СДСМ и го оспорува Филипче, на европското прашање не понуди јасна алтернатива на владиниот пристап. Наместо тоа, стигна до истата почетна формула – ЕУ да, но не под сегашните услови.
Тука неизбежно се поставува прашањето што точно е новата политика што треба да го замени Филипче.
Фон дер Лајен го стесни просторот за идентитетскиот аргумент
Еден од главните аргументи во досегашната дебата беше стравувањето дека европскиот процес може да отвори дополнителни прашања поврзани со македонскиот идентитет и јазик.
Фон дер Лајен беше експлицитна – Македонија ќе биде пречекана во Унијата со својот идентитет и својот јазик.
Кога македонскиот идентитет и јазик јавно ги потврдува самиот врв на Европската комисија, формулата „не по секоја цена“ мора да стане поконкретна.
Која е цената?
Уставните измени?
Можните идни барања од Софија?
Формални гаранции од Европскиот совет?
Или самата преговарачка рамка?
Ивановски треба да објасни по што е различен
Токму тука Ивановски има дополнителен политички проблем.
Ако тој нов правец на најважното надворешнополитичко прашање звучи речиси исто како политиката на Мицкоски, тогаш логично е прашањето – каде е дисконтинуитетот?
Ивановски, кој претендира да го менува токму тоа раководство, на ова прашање се приближува до позицијата на премиерот што СДСМ треба да го опонира.Тоа не ги затвора сите прашања со Бугарија, но ја менува тежината на дебатата.
Веќе не е доволно сите да кажат дека се за ЕУ.
Треба да кажат и што точно чекаат.

