Интернетот е сеприсутен во секојдневието на граѓаните. Комуникацијата, купувањата и плаќањата во голема мера се вршат онлајн. Но, со зголеменото користење на интернетот, растат и ризиците од измами. Податоците на СВР Тетово покажуваат дека проблемот не го заобиколува ниту Полошко.
На подрачјето на Тетово, заклучно со 25 септември 2026 година, во изминативе две години се евидентирани девет случаи поврзани со интернет-измами – осум во 2025 и една во 2026 година. Вкупната пријавена материјална штета за 2025 и 2026 година досега изнесува 8.945.926 денари. Високиот износ се должи на фактот што дел од оштетените биле правни лица, информираат од СВР Тетово.
„Најчести се лажното претставување на деловни партнери, лажни огласи на социјалните мрежи, ‘фишинг’ измамите и злоупотребата на банкарски податоци. Во Гостивар, во 2025 година се евидентирани две интернет-измами со банкарски сметки, а во 2026 година уште четири. Дополнително, регистрирани се и три случаи на оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, со вкупна штета од 412.606 денари. Вкупно за целиот Полошки Регион (Тетово и Гостивар) пријавената материјална штета од компјутерски и од интернет-измами во овој период надминува 9,3 милиони денари, а сите постапки пред надлежните обвинителства во моментов се водат против непознати сторители“, соопштуваат од СВР Тетово.

ИТ-експертот Дејан Станојевиќ предупредува дека измамниците најчесто „играат“ на човечката љубопитност и на желбата за добивка – пораки за освоен телефон, поволни понуди или линкови што бараат лични податоци.
Лошиот превод, граматичките грешки, премногу нападните реклами и сомнителните линкови, можат да бидат предупредување дека нешто не е во ред, вели Станојевиќ.
„Таквите „понуди“ обично изгледаат премногу добро за да бидат вистинити. Технички гледано, секоја безбедна страница треба прелистувачот да ја отвори без проблем, да нема нападни реклами, да нема ‘popup’ реклами што ви ветуваат милиони денари ако се зачлените итн. Не споделувајте лични податоци на ниедна веб-страница, освен ако е валидна, каде што некој ве насочил и ви кажал дека на тој линк треба да пополните формулар. Тоа се најчесто државни институции, банки и слично. Не споделувајте матичен број, датум на раѓање, место на живеење, приватен мобилен телефон“, советува Станојевиќ.
Малолетниците се најранлива категорија. Тука родителите имаат важна улога при заштитата од злоупотреба, вели психологот Ана Марија Блажеска.
„Како што секое дете е уникатно – и родителскиот пристап не може да се сведе на „магична формула“. Сепак, универзален минимум е конструктивен родителски надзор и постојан разговор за содржините на кои е изложено детето. Крајна цел е воспоставување доверба, за детето отворено да го информира родителот, овозможувајќи навремена превенција и ублажување на последиците“, истакнува Блажеска.
Менувањето на компромитираните лозинки, контактирањето на банката доколку се споделени податоци од картичка и пријава на сомнителниот профил или содржина, се чекорите што веднаш треба да ги преземе измаменото лице, советуваат експертите.
Маја Пероска
*Содржината е преземена од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

