Обложувалниците на булеварот „Партизански одреди“ се повод ХЕРА да го насочи вниманието кон последиците од коцкањето и потребата од поддршка за погодените семејства. Организацијата утре, 6 октомври, во 18 часот во Лабораториум организира дискусија посветена на ова прашање.
Во поканата, ХЕРА предупредува дека коцкарниците станале дел од секојдневната градска естетика. Ги среќаваме пред станбените влезови, на омилените улици и кај маалските свртилишта, а нивното присуство сè почесто го прифаќаме како вообичаено.
Според организацијата, зад таа секојдневна слика остануваат последиците од зависноста од коцкање, кои ги погодуваат семејствата, но и пошироката заедница.
ХЕРА тврди дека еден човек што се коцка влијае врз добросостојбата на најмалку шестмина свои најблиски, повикувајќи се на истражување на Обединетите нации.
Организацијата сака да поттикне изградба на систем што на лицата погодени од игрите на среќа ќе им овозможи поддршка, надеж и можност за пристоен живот. Утрешната дискусија ја најавува како прв чекор кон таа цел.
„Дојди и придружи ни се, за заедно да ја фрлиме коцката подалеку од нашите омилени улици“, порача ХЕРА во поканата.

