Полицијата поднесе кривична пријава против директорот на Здравствениот дом „Примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски“ во Свети Николе, кој се сомничи дека без законска постапка отуѓувал имот на установата и со тоа го оштетил Министерството за здравство за 75.000 денари.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против 63-годишниот С.Б. од Свети Николе поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според пријавата, во текот на 2025 година, додека ја извршувал функцијата директор на здравствениот дом, тој не постапил согласно Законот за користење и располагање со ствари во државна и општинска сопственост.
Полицијата наведува дека без да спроведе соодветна постапка и без да добие согласност од Владата, директорот отуѓил движни ствари во сопственост на установата. За нив, според МВР, немало соодветни податоци за видот и количината.
Вредноста на отуѓениот имот е проценета на 75.000 денари.
Со ваквите дејствија, според кривичната пријава, на трети лица им било овозможено да се стекнат со противправна имотна корист, додека на Министерството за здравство му била нанесена штета во истиот износ.
Засега не се објавени дополнителни детали за тоа за каков конкретен имот станува збор, кому бил отуѓен и дали во случајот се опфатени и други лица.

