Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, побара Јавното обвинителство да отвори истрага за трошењето на 5,5 милиони евра за прославата на Денот на независноста и да ја обезбеди целокупната документација поврзана со организацијата на настанот.

Кузеска изјави дека од јавноста, според СДСМ, се кријат документи, одлуки, анекси, фактури и податоци за исплатите, како и информации за тоа каде завршиле парите потрошени за прославата.

Од партијата бараат да се утврди во кое својство Владата ѝ наложила на Државната лотарија да ја организира и финансира прославата и кој орган го одобрил трошењето на повеќе од 300 милиони денари.

Кузеска го проблематизира и јавниот повик, за кој рече дека траел пет работни дена и дека на него пристигнала само една понуда. Таа побара Обвинителството да утврди кога бил договорен и колку чинел настапот на Дејвид Гета, како и кои домашни и странски компании добиле средства.

СДСМ бара да се испита и колку средства добиле компаниите вклучени во организацијата и на кој начин се вршеле исплатите, како и каде завршиле приближно 1,75 милиони денари од продажбата на билети.

„Да се утврди каде завршил секој денар“, порача Кузеска, повикувајќи покрај Јавното обвинителство да постапат и Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија.