Македонија доби планинарско чудо: Патека од 2.070 километри низ дивини и убавини

планинарско
Корабски масив, погледот е кон врвовите лево Мал Кораб и десно Малокорабска стена, Фото: Sammiana – Македонска Бесконечна Трансверзала

Македонија полека добива проект кој според својата амбиција и размери може да се споредува со најпознатите светски планинарски рути. Станува збор за Македонската бесконечна трансверзала, позната и под името „Sammiana“, мега-планинарска патека што треба да опфати повеќе од 2.070 километри низ речиси сите поголеми планински масиви, природни реткости и историски локалитети во државата.

Проектот, зад кој стојат ентузијасти, планинари и повеќе здруженија, има за цел да создаде единствена кружна пешачка рута што ќе ја поврзе Македонија во една целина. Според иницијаторите, трансверзалата не е замислена само како спортски предизвик, туку и како начин за откривање на помалку познатите природни и културни богатства на земјата.

Најголемата планинарска авантура во земјата

Она што ја прави посебна е нејзината должина. Со планирани над две илјади километри, таа би можела да стане една од најдолгите континуирани планинарски патеки на Балканот. Дополнително, околу 1.500 километри од трасата претставуваат нови или досега неформализирани патеки, што значи дека проектот отвора сосема нови хоризонти за домашните и странските планинари.

Во текот на 2026 година проектот бележи нови значајни чекори. Дел од источното крило на трансверзалата е целосно обработено и достапно преку дигитални мапи и GPS траси, а сите источни секции веќе се внесени во OpenStreetMap, што овозможува нивно користење преку бројни навигациски апликации ширум светот. Во изминатите месеци беа објавени и ажурирани карти и GPS записи за повеќе делници, како и англиски верзии на водичите наменети за странски посетители.

Од здружението што стои зад проектот наведуваат дека патеката е првенствено наменета за искусни планинари, бидејќи значителен дел од трасата минува низ ретко населени и диви предели. Токму тоа, според нив, е и нејзината најголема вредност – можноста посетителите да ја доживеат Македонија надвор од вообичаените туристички рути и да поминат низ предели што ретко се наоѓаат на туристичките мапи.

„Самиана е создадена за да ве однесе подлабоко во дивината“, наведуваат авторите на проектот, објаснувајќи дека целта е планинарите да искусат разновидни пејзажи – од густите листопадни и зимзелени шуми, преку високопланински гребени, до кањони, водопади и речни долини.

Македонија на мапата на светските планинари

Планинарската заедница веќе покажува значителен интерес за оваа иницијатива. На социјалните мрежи и форумите проектот често се споредува со познатите американски долги патеки како Pacific Crest Trail, а домашните планинари го оценуваат како можност Македонија конечно да добие препознатлив планинарски бренд со меѓународен потенцијал.

Иако делови од западното крило сè уште се во фаза на доработка, иницијаторите се уверени дека проектот постепено ќе прерасне во една од најзначајните туристички и спортски атракции во земјата. Доколку плановите бидат реализирани во целост, Македонската бесконечна трансверзала би можела да стане нов симбол на активниот туризам и уште една потврда дека Македонија, и покрај својата мала територија, располага со извонредно богат и разновиден планински свет.

Најчитано