Мавровското Езеро оваа година ќе биде домаќин на Светското првенство во риболов на крап, еден од најзначајните меѓународни настани во спортскиот риболов, на кој се очекува учество на повеќе од 30 држави од целиот свет.
Организаторите најавуваат дека шампионатот, кој ќе се одржи од 2 до 6 септември, претставува историски момент за македонскиот спортски риболов и можност за промоција на туризмот и природните убавини на Маврово.
Подготовките за натпреварот веќе се во тек, а еден од најголемите предизвици за организаторите е обезбедувањето доволна количина крап во езерото за да се исполнат строгите меѓународни стандарди за ваков тип натпреварување.
Поради тоа, Националниот парк „Маврово“ и Македонската риболовна федерација започнаа активности за порибување на езерото, при што неодамна беа пуштени околу два тона крап како прва фаза од процесот за збогатување на рибниот фонд.
Од Националниот парк информираат дека во периодот до завршувањето на Светското првенство ќе важи и забрана за лов на крап, со цел да се зачува рибниот фонд и да се создадат соодветни услови за натпреварувањето. Надлежните апелираат спортските риболовци и посетителите да ги почитуваат правилата и прописите за риболов, нагласувајќи дека зачувувањето на природниот баланс е клучно за успешна организација на настанот.
Покрај спортскиот аспект, организаторите очекуваат шампионатот да донесе и значителен туристички бенефит за регионот, бидејќи се предвидува присуство на голем број натпреварувачи, придружни тимови, медиуми и гости од странство.
За таа цел веќе е потпишан меморандум за соработка меѓу Македонската риболовна федерација, Општина Маврово и Ростуше и Националниот парк „Маврово“, со кој институциите се обврзуваат на координирани подготовки и заедничка промоција на настанот.
