Македонските истражувачи и научни организации добија единствен јавен електронски регистар преку кој на едно место ќе може да се пребаруваат нивните области на работа, научни резултати и показатели за цитираност. Министерството за образование и наука денеска го промовираше порталот „е-Наука“, во кој досега се регистрирани 229 истражувачи.
Платформата ги поврзува податоците за истражувачите со глобалните научни бази Web of Science, Scopus и Google Scholar. На профилите може да се прикажуваат научните трудови, цитираноста, h-индексот, научното поле, звањето, образованието и институцијата во која работи истражувачот.
„Ги охрабрувам сите истражувачи од државните и приватните универзитети и високообразовни установи, од јавните и приватните научни установи, научните институти и МАНУ да влезат во електронскиот регистар“, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Повикот се однесува и на самостојните истражувачи кои работат во Македонија, како и на научниците со македонско потекло кои работат на странски универзитети.
Една од целите на „е-Наука“ е полесно поврзување на науката со компаниите. Преку напредното пребарување, бизнисите и институциите ќе можат да пронајдат истражувачи според областа во која работат и да воспостават соработка за истражувачки, развојни и иновативни проекти.
Порталот е отворен и за меѓународни универзитети и истражувачки центри, со цел полесно поврзување со македонските научници при подготовка на заеднички проекти, апликации за грантови и научни трудови.
Во моментот на проверката, јавниот портал прикажува 229 регистрирани истражувачи и 216 научно-истражувачки организации.
МОН соопшти и дека годинашниот буџет за научно-истражувачка дејност изнесува 773 милиони денари, во споредба со 680 милиони во 2025 и 380 милиони денари во 2024 година. Во реализација се и научно-истражувачки проекти од национален интерес вредни повеќе од 370 милиони денари.

