Државата ќе одлучува за етничката припадност според вашето име: Апсурди на предлог законот за правична застапеност

Битиќи

Расправата за Предлог-законот за соодветна и правична застапеност во Собранието отвори и поширока дебата за правото на личен идентитет и границите на државното вмешување во самоидентификацијата на граѓаните.

Во текот на комисиската расправа, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, предупреди дека предложените решенија содржат, како што оцени, сериозна вредносна противречност.

Според него, иако законот формално предвидува доброволно изјаснување за етничката припадност, истовремено остава простор тоа изјаснување да се проверува преку таканаречени „објективни критериуми“, меѓу кои се споменува и личното име.

„Не може слободата да биде слободна само додека администрацијата ја одобрува. Не може државата да му каже на граѓанинот: можеш да се изјасниш како што сакаш, но ние ќе провериме дали твоето име ни одговара“, истакна пратеникот во своето обраќање.

Тој оцени дека ваквиот пристап отвора опасност државата да ја преземе улогата на арбитер во прашања што, според современите демократски стандарди, припаѓаат на личната автономија на секој граѓанин.

Во своето излагање нагласи дека идентитетот не може да се сведе на административна категорија, ниту да се определува врз основа на име, презиме или претпоставки за нечие потекло.

„Идентитетот не е административна пресуда изразена преку печат на лична карта. Не може да стане збор ниту за етничка етикета што државата ја лепи врз човекот затоа што името му звучи вака или онака“, рече тој.

Битиќи посочи дека културниот и етничкиот идентитет се динамични категории кои се развиваат низ лични, семејни и општествени процеси, а не низ административни процедури.

Според него, токму затоа членот 6 од Предлог-законот отвора ризик граѓаните да бидат сведени на формални критериуми, наместо да се почитува нивното право на слободно самоидентификување.

„Правото на културна припадност е дел од личната автономија, доброволното самоидентификување и демократската заштита од наметнати идентитети“, порача Фатмир Битиќи.

Предлог-законот за соодветна и правична застапеност и натаму останува предмет на комисиска расправа, а се очекува дебатата да продолжи и во наредните денови, со оглед на спротивставените ставови околу решенијата што ги предлага Владата.

Најчитано