Министерството за здравство ги демантираше информациите што деновиве се појавија во дел од медиумите и на социјалните мрежи за наводен „колапс“ на Универзитетската клиника за хематологија, тврдејќи дека во установата нема недостиг од лекови и терапија за пациентите.
Од Министерството соопштија дека, според информациите добиени од стручниот колегиум на Клиниката, не е утврден застој во обезбедувањето на неопходниот медицински третман и дека пациентите редовно ја добиваат потребната терапија.
Реакцијата на Министерството следува откако претходно беа објавени тврдења за сериозни проблеми во функционирањето на Клиниката за хематологија, вклучително и наводи за недостиг од терапии и основни медицински материјали. Во дел од објавите се бараше и итен инспекциски надзор поради состојбите во установата.
Од Министерството за здравство порачаа дека Клиниката за хематологија останува целосно посветена на континуирано, стручно и одговорно лекување на пациентите, согласно медицинските протоколи и стандарди.
Воедно, апелираа до политичките субјекти и медиумите да се воздржат од ширење непроверени информации кои, како што наведуваат, можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност кај пациентите и нивните семејства.
Во соопштението се наведува и дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно законските обврски, врши редовни инспекциски надзори во јавните здравствени установи. Последниот редовен надзор на Универзитетската клиника за хематологија бил спроведен на 4 март годинава.
