„Не сме продале ни 2%“: Градинарите го блокираа патот Прилеп-Битола, ајварката се откупува за 15–18 денари

Скриншот: Радио Пела

Пелагониските производители на пиперка денеска повторно излегоа на протест и го блокираа патниот правец Прилеп–Битола кај Тополчани, револтирани од застојот во откупот и ниската цена на ајварката. Околу стотина земјоделци побараа итна реакција од Владата и Министерството за земјоделство, предупредувајќи дека голем дел од родот сè уште не е предаден, иако сезоната е во полн ек.

Земјоделците тврдат дека откупот практично е закочен, а количините што досега биле преземени се плаќале по просечна цена од 15 до 18 денари за килограм.

Еден од производителите, Јане Камчески од Бела Црква, вели дека неговото семејство годинава очекува околу 200 тони пиперка, во производство во кое досега вложиле повеќе од 30.000 евра.

Според него, иако производителите имаат договори со откупувачите, досега не успеале да продадат ниту два проценти од произведената пиперка. Тој проценува дека цената на ајварката треба да изнесува меѓу 25 и 30 денари за килограм само за да можат да се покријат производствените трошоци.

Градинарите повторно ги доставиле своите барања до Владата и ресорното министерство. Меѓу нив се обезбедување непречен откуп во рок од 15 дена, заедничка средба на производителите, откупувачите, преработувачите и институциите, како и цена што ќе ги покрива реалните трошоци за производство.

Доколку пазарната цена остане под производствените трошоци, земјоделците бараат и интервентна финансиска поддршка по предаден килограм. Истовремено бараат да им бидат исплатени и заостанатите субвенции за 2025 година.

Незадоволството во Пелагонија доаѓа само еден месец откако во Струмичко, по серија протести, беше постигнат договор првата класа ајварка да се откупува по 40 денари за килограм, а пиперката за индустриска преработка по 30 денари. И таму, сепак, земјоделците подоцна повторно протестираа тврдејќи дека договорените цени не се почитуваат.

Пелагониските производители отворија и прашања околу информациите за вратени пратки македонска пиперка од странство поради наводно присуство на пестициди. Тие бараат Агенцијата за храна и ветеринарство да спроведува контроли уште пред производите да ја напуштат земјата, за да се утврди состојбата пред извозот.

Денешната блокада кај Тополчани траеше од 10 до 11 часот. Биле пропуштани возила на Итната медицинска помош, возила што превезувале болни лица, како и полицијата, Армијата и противпожарните служби.

Земјоделците најавуваат нови протести и блокади доколку институциите не одговорат на нивните барања.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?