Од денес само шест дена за студентски оброк: кој добива 140 денари и како се аплицира?

Од денес, 26 август, почнува пријавувањето за субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година. Рокот истекува на 31 август, а нова апликација мора да поднесат и досегашните корисници и бруцошите што сакаат да го користат правото од 1 октомври.

Студентите што ќе ги исполнат условите ќе добиваат по 140 денари дневно за храна, од понеделник до сабота. Пријавувањето е целосно електронско, но кандидатите треба да пополнат, потпишат и прикачат два документа.

Кој има право на студентски оброк?

Право на субвенциониран студентски оброк имаат државјани на Македонија што се редовни студенти на прв или втор циклус, како и студенти на интегрирани студии на државните и приватните универзитети.

Дополнителен услов е кандидатот да нема месечен приход по кој било основ повисок од минималната нето-плата во државата. Од март 2026 година минималната нето-плата изнесува 26.046 денари, што практично е и приходниот праг за ова право.

И старите корисници мора повторно да аплицираат

Правото не се продолжува автоматски од претходната академска година. МОН ги повикува да се пријават сите студенти што сакаат да ја користат мерката во 2026/2027 година – и досегашните корисници, и студентите од повисоките години, и новите бруцоши.

Главниот рок трае од 26 до 31 август. Почнувајќи од октомври, системот повторно ќе се отвора од први до петти во секој месец. Овој дополнителен рок ќе важи за студентите што не го оствариле правото во август или подоцна повторно ги исполниле условите.

Како се поднесува апликацијата?

Пријавувањето се врши преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk. Кандидатот треба да ги пополни обрасците „Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк“ и „Изјава за точност на внесените податоци“.

Двата обрасци треба да бидат потпишани и прикачени кон електронската апликација. По поднесувањето, статусот може да се следи во делот „Мои апликации“ на порталот.

Студентите не треба самите да прибираат потврди од повеќе институции. МОН по службена должност ги обезбедува потребните податоци од Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи и студентските служби на факултетите.

Што треба да направат бруцошите?

Рокот важи и за идните бруцоши, иако дел од нив сè уште ја немаат целосно завршено постапката за упис. Тие треба да се обидат да ја поднесат апликацијата во главниот рок, додека податоците за стекнатиот статус на редовен студент МОН ги проверува преку студентските служби.

Ако порталот не ја прифаќа пријавата затоа што уписот сè уште не е административно евидентиран, студентот не треба да внесува неточни податоци. Потребно е веднаш да се обрати до студентската служба и до МОН на електронската адреса subvencioniran.obrok@mon.gov.mk. Следната можност за пријавување ќе биде од 1 до 5 октомври, но во тој случај исплатата би почнала во следниот месец.

Дали непотрошените пари пропаѓаат истиот ден?

Не. Ако студентот не ги потроши дневните 140 денари, средствата остануваат достапни на сметката до крајот на истата седмица, заклучно со сабота.

Тоа значи дека во полна седмица може да бидат достапни најмногу 840 денари. Непотрошениот износ, сепак, не се пренесува во следната седмица.

Средствата може да се користат од понеделник до сабота кај регистрирани правни лица што произведуваат, подготвуваат или продаваат храна. Правото не важи во недела, за време на државни празници и други неработни денови, како и во периодот од 1 јули до 1 октомври.

Кога почнува користењето на парите?

Студентите што ќе го остварат правото преку августовскиот повик ќе можат да ја користат поддршката од 1 октомври 2026 година. За оние што ќе аплицираат во некој од подоцнежните месечни рокови, средствата почнуваат да се исплаќаат во месецот што следува по пријавувањето.

Исплатата се реализира преку посебна сметка и наменска платежна картичка од Шпаркасе банка. МОН и банката дополнително ќе ги објават рокот и начинот за потпишување договор и подигање на картичките.

Износот остана ист, цените продолжија да растат

Дневниот износ од 140 денари не е променет од 2023 година. Во меѓувреме, Државниот завод за статистика регистрира дека трошоците за живот во јули 2026 година биле за 2,3 отсто повисоки отколку една година претходно. Само во однос на јуни, цените во групата ресторани и услуги за сместување пораснале за 0,7 отсто.

Така, новиот повик го задржува истиот номинален износ, но неговата реална вредност станува сè помала во услови на континуиран раст на цените.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?