Двајца мажи се лишени од слобода по пријави дека физички ги нападнале сопругите, во два други случаи се пријавени закани и физички напад врз поранешна партнерка.
Четири случаи на семејно и родово насилство се евидентирани во Скопје и Неготино во изминатите денови, според информациите од Министерството за внатрешни работи.
Најсериозниот од пријавените случаи е регистриран во Шуто Оризари, каде што полицијата лишила од слобода 44-годишен скопјанец, откако претходно физички ја нападнал неговата 42-годишна сопруга.
Според МВР, откако жената дошла во Полициското одделение Шуто Оризари за да го пријави настанот, мажот дошол по неа. Тој, како што е наведено во полицискиот билтен, агресивно се однесувал кон полициските службеници, повторно ја нападнал сопругата и се обидел да побегне.
Полицајците го фатиле и го лишиле од слобода. По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во Неготино, пак, на 26 септември во 16:30 часот полицијата го лишила од слобода 51-годишен маж од градот, по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 45-годишна сопруга.
Од ОВР Неготино информираат дека по целосното документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Третиот случај е пријавен во Скопје во раните утрински часови на 27 септември. Во 03:24 часот во СВР Скопје било пријавено дека во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром, 43-годишен маж од Скопје со остар предмет упатувал закани кон неговата сопруга.
Според МВР, лицето било сместено во здравствена установа. По целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Четвртиот случај се однесува на пријавен физички напад врз жена од страна на нејзиниот поранешен партнер.
Во 00:30 часот на 27 септември, 34-годишна жена од Скопје пријавила дека на 25 и 26 септември во Скопје била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер И.М. од Скопје.
Според пријавеното, жената навела дека и во претходниот период била физички малтретирана од него.
Од СВР Скопје информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Сите случаи се во фаза на полициско постапување и документирање, а евентуалната одговорност на пријавените лица ќе се утврдува во натамошната постапка.

