Перински ќе праќа контролори да види дали сте на боледување

Фондот за здравствено осигурување предлага нови правила за боледувањата, со кои контролори ќе можат да проверуваат дали осигурениците навистина се на адресата на која треба да го поминуваат боледувањето. Проверките ќе може да се прават по случаен избор, но и по пријава од работодавач.

Директорот на ФЗО, Златко Перински, најави дека до Управниот одбор ќе бидат доставени измени на Правилникот за боледување и на критериумите за контрола, со цел, како што рече, да се спречат можни злоупотреби.

Една од предложените измени е и скратување на периодот за кој матичниот лекар самостојно може да отвори боледување, од сегашните седум на пет дена.

Најголемата новина, сепак, е можноста контролор да дојде директно на домашната адреса на лице кое е на боледување.

Доколку осигуреникот не биде затекнат дома, контролорот ќе остави документ со кој лицето ќе биде повикано пред лекарска комисија да објасни зошто не било на адресата каде што требало да го поминува боледувањето. За случајот ќе биде известен и работодавачот.

Перински посочи дека Фондот за 2026 година има предвидено 6,454 милијарди денари за боледувања и породилно отсуство и оцени дека поради висината на сумата мора да се зајакне системот на контрола.

Предвидена е и дополнителна ревизија на боледувањата што ги одобруваат лекарските комисии, врз основа на извештај од контролор.

Измените сè уште не се во сила. Управниот одбор на ФЗО треба да ги разгледува следната недела, а доколку бидат усвоени, потребно е и позитивно мислење и согласност од Министерството за здравство пред да почнат да се применуваат.

Со пакетот измени Фондот предлага и рецептите издадени во дежурните служби да важат 24 часа, наместо како досега да мора да бидат реализирани до полноќ истиот ден.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?