Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска побара од актуелниот министер Владо Мисајловски јавно да објасни колкав дел од американската воена помош ќе загуби Македонија, откако Стејт департментот го извести Конгресот дека 52 милиони долари првично наменети за Македонија, Словачка, Тунис и Ирак ќе бидат пренасочени кон земји од Латинска Америка.
Петровска оцени дека станува збор за сериозна вест и побара Министерството за одбрана да соопшти кога било информирано за одлуката и дали презело нешто за да го спречи или намали кратењето.
„Кога бев министерка за одбрана, со американските партнери ја зајакнувавме довербата, обезбедувавме воена помош и создававме услови за забрзана модернизација на Армијата. Денес, во мандатот на Мисајловски, Македонија останува без дел од таа поддршка“, напиша Петровска.
Таа истовремено посочи дека одлуката на Вашингтон е дел и од пошироките надворешнополитички приоритети на САД, но смета дека министерот за одбрана има обврска да се бори за интересите на Македонија и за зачувување на поддршката од стратешките партнери.
Петровска побара од Мисајловски да одговори колкав износ од средствата наменети за Македонија ќе биде пренасочен, кога Министерството било информирано за одлуката, какви активности биле преземени и кои проекти за опремување и модернизација на Армијата би можеле да бидат погодени.
Таа праша и зошто јавноста за пренасочувањето на средствата дознава од странските медиуми, а не од Министерството за одбрана.
„Стратешкото партнерство не се одржува со протоколарни фотографии и со присвојување проекти започнати од претходните раководства. Се одржува со работа, доверба и постојана дипломатска активност“, наведе Петровска.
Според информациите објавени од Associated Press, Стејт департментот го известил американскиот Конгрес дека 52 милиони долари од програмата за странско воено финансирање ќе бидат пренасочени од Македонија, Словачка, Тунис и Ирак кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија. Одлуката не значи целосно укинување на американската воена помош за Македонија, а точниот износ што ќе биде повлечен од секоја од четирите држави засега не е јавно објавен.
Петровска смета дека Мисајловски ѝ должи објаснување на јавноста за последиците од одлуката и за тоа дали таа ќе влијае врз тековните планови за модернизација на Армијата.

