Во градинката „Наша иднина“ во Прилеп премиерно беше прикажан документарниот филм „Инклузија на дело – Девојката со боите“ во продукција на Радио Пела.
Станува збор за филм инспириран и посветен на младата уметница Фиона Зајкоска, лице со аутизам, која во градинката „Наша иднина“ го поминала своето рано детство, а сега како девојка со сликарски талент ги разубавува ѕидовите на установата.
Авторка, сценаристка и режисерка на документарецот е новинарката Елизабета Филипоска, техничката реализација е на Никола Димески, а компјутерската графика ја сработи Влатко Димески. Уредничка е Гордана Цветаноска.

„Со мојот тим сакавме да пренесеме порака дека локалните средини имаат многу убави приказни што би послужиле како корисна информација за поттик на луѓето и би биле пример дека никој не треба да се чувствува исклучен од заедницата. Секој од нас може да преземе мали, но значајни чекори за квалитетно општество. Целта беше да создадеме етичка, вистината и реална информативно-едукативна содржина, новинарска сторија што ќе влијае врз промена на ставовите и на однесувањата на луѓето во насока дека не сме и не можеме сите да бидеме исти, но можеме да ја менуваме културата на разбирање и да имаме поголема одговорност за она што нѐ опкружува“, посочува авторката Елизабета Филипоска, инаку долгогодишна новинарка.

На премиерната проекција присуствуваше и главната хероина во филмот Фиона со својата мајка Александра Иваноска, а во публиката беа и повеќе воспитувачи, негуватели и родители, како и градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски и директорката на градинката „Наша иднина“ Биљана Петкоска.
Раководителката на градинката „Гоце Делчев“ Елеонора Костоска-Јованоска, која е учесничка и во самиот филм, истакна дека инклузијата е начин на живот и начин на функционирање, а не практика што треба да се спроведе.
„Инклузијата мора секој да ја живее за да може да ја разбере. Секој има право да припаѓа некаде и да биде исполнет во она што го работи. Тоа треба некој да му го овозможи – општеството, а општеството сме сите ние“, посочи Костоска-Јованоска.
Идејата е филмот да стигне до што повеќе родители, воспитувачи и деца со цел да се разберат и да се применуваат неговите пораки.
Минатата година Прилеп беше прогласен за најинклузивна општина во Македонија од страна на Здружението „Отворете ги прозорците“ и Детската фондација „Песталоци“ од тригодишниот проект „Инклузија на деца со ПОП“, во кој учествуваа 12 општини.
Ф.Д.
Оваа сторија е преземена од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
