Продолжува судењето за „Онкологија“, тројца лекари на обвинителна клупа

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Онкологија“, во кој поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Обвинението ги товари за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување. Според обвинителството, кај вкупно 47 пациенти биле применувани неподобни терапии, имало отстапувања во дозирањето и терапиите биле давани без соодветна процена на здравствената состојба.

На претходното рочиште беше сослушан вештакот Владимир Даниловски, предложен од одбраната. Тој пред судот објасни дека предмет на неговото вештачење не бил изборот на конкретната онколошка терапија, туку утврдувањето дали применетото лекување предизвикало конкретни последици кај пациентите.

Според Даниловски, за да се утврди штета не е доволно само да постои отстапување од препораките за дозирање или примена на лековите, туку мора да биде докажана причинско-последична врска меѓу конкретната лекарска одлука и влошувањето на состојбата на пациентот.

Во текот на претходните рочишта, пак, други вештаци посочуваа на неправилности во медицинската документација и во изборот на терапиите. Вештакот Милан Ристески во март изјави дека кај 12 пациенти била дадена терапија спротивно на индикациите и без очекувана медицинска корист.

Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска. Таа призна вина и беше осудена на условна казна затвор од две години.

Судењето го води судијката Снежана Марковска, а предметот е во доказна постапка.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?