И покрај тоа што жените претставуваат значаен дел од економскиот потенцијал, нивното учество во пристапот до финансии останува ограничено. Најновите податоци покажуваат дека само 7,8% од вкупната вредност на кредитите во земјава завршува кај компании во сопственост на жени.
Ова укажува дека пристапот до капитал – клучен предуслов за развој на претприемништвото и економска независност – сè уште не е еднаков. Експертите предупредуваат дека намалувањето на родовиот јаз во финансирањето не е само прашање на еднаквост, туку и двигател на економски раст, иновации и поголема отпорност на економски кризи.
Анализите покажуваат дека од вкупно 32.469 активни кредити, дури 86,2% се доделени на компании во сопственост на мажи, додека само 13,8% се кај женски бизниси. Разликата е уште поизразена кај вредноста – над 92% од средствата се пласирани кај машки компании.
Просечниот кредит кај компаниите во сопственост на жени изнесува околу 68.900 евра, што е речиси двојно помалку во споредба со 135.100 евра кај компаниите во сопственост на мажи.
Причините делумно лежат во структурата на бизнисите – жените најчесто се сопственички на микро и мали претпријатија, кои имаат помал капацитет за апсорпција на капитал. Нивното учество е најголемо токму во овој сегмент, додека кај средните и големите компании е значително пониско, што укажува на ограничени можности за раст.
Дополнително, женските компании почесто користат краткорочни и среднорочни кредити за тековно работење, додека долгорочните кредити – клучни за инвестиции и развој – во поголема мера ги користат компаниите во сопственост на мажи.
За првпат, преку вкрстување на податоците од институциите, се добива подетална слика за родовата структура во кредитирањето. Сепак, сè уште недостасуваат информации за причините за одбивање на кредитните апликации, што остава отворено прашање дали станува збор за помал број барања од страна на жените или за структурни бариери во системот.
Од Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) посочуваат дека кредитната нееднаквост директно влијае врз продуктивноста и економскиот развој. Оттаму најавуваат дека ќе продолжат со анализи и иницијативи за намалување на јазот, во рамки на меѓународната иницијатива We-Finance Code, која се спроведува во соработка со Европската банка за обнова и развој.
Паралелно, Алијансата реализира активности за економско зајакнување на жените, преку обуки, работилници и јавни кампањи, како и годишната конференција EqualXChange, која годинава ќе се одржи на 19 мај.
Пораката е јасна – поголемото инвестирање во женските бизниси не е само прашање на правичност, туку инвестиција во побрз и поодржлив економски раст.