СДСМ бара да се тргне од дневен ред иницијативата за дата-центар во Пехчево

СДСМ

Советниците на СДСМ во Советот на Општина Пехчево побараа да се повлече точката за иницијативата поврзана со изградба на дата-центар во Панчарево и таа да биде разгледувана на наредна, отворена седница на која граѓаните ќе бидат информирани за проектот.

Координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата, Николчо Јовчев, побара втората точка од дневниот ред да биде изземена од денешната седница.

„Нашиот став е јасен, нема да ја поддржиме таа иницијатива“, изјави Јовчев, според соопштението на СДСМ.

Станува збор за втората точка од дневниот ред на 11. седница на Советот на Општина Пехчево, закажана за денеска, 25 август, во 10 часот. Формално, советниците не одлучуваат за конечна изградба на дата-центар, туку за прифаќање иницијатива со која би почнала постапката за изработка на урбанистичко-планска документација.

Во официјалниот дневен ред е наведено дека станува збор за урбанистички проект вон опфат на урбанистички план, за формирање градежна парцела за објект со намена Г4.7 – градби за чување и складирање дигитални податоци. Опфатени се пет катастарски парцели во КО Панчарево.

Иницијативата претходно предизвика реакции и од еколошки активисти. „Зелена народна стража“ побара постапката да биде стопирана, наведувајќи дека во јавноста нема објавени податоци за инвеститорот, планираната потрошувачка на електрична енергија и вода, вредноста на инвестицијата и влијанието врз животната средина.

И Левица вчера се спротивстави на иницијативата, со слични забелешки за недостигот од информации за инвеститорот, инфраструктурата и очекуваната потрошувачка на ресурси.

На официјалната страница на Општина Пехчево е објавен дневниот ред за седницата, но во моментот на објавување нема објавен исход од разгледувањето на втората точка.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?