СДСМ бара одговори, шест недели по кризата Владата сè уште без извештај за водата во Гостивар

Филипче

СДСМ повторно бара од Владата и Министерството за здравство јавно да го објават епидемиолошкиот извештај за кризата со водата во Гостивар, шест недели по масовните здравствени проблеми во градот. Опозициската партија прашува зошто документот сè уште не е достапен за јавноста, иако министерот за здравство Сашо Клековски најави дека ќе биде објавен на 20 август.

Од СДСМ тврдат дека над 5.000 граѓани побарале медицинска помош во периодот на кризата и оценуваат дека јавноста има право да ги види анализите, резултатите и целосниот извештај за тоа што се случувало со водата во Гостивар. Бројката од над 5.000 лица е дел од политичкото соопштение на партијата.

Клековски на 17 август најави дека епидемиолошкиот извештај ќе биде објавен на 20 август и дека во него ќе биде наведено кои институции што презеле во текот на кризата. Тој тогаш појасни дека самите резултати од испитувањата на водата се во надлежност на Јавното комунално претпријатие и Општина Гостивар.

Два дена подоцна, на 19 август, Клековски изјави дека извештајот е подготвен, но дека неговото објавување ќе доцни неколку дена поради потребата од реакции и координација со повеќе институции, меѓу кои Општина Гостивар, Обвинителството, Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за управување со кризи.

Во меѓувреме, на 20 август истече и триесетдневната кризна состојба во Општина Гостивар. Институциите од централната власт потоа се повлекоа од непосредната контрола, а одговорноста за понатамошното обезбедување безбедна вода повторно беше насочена кон локалните власти.

Институтот за јавно здравје на 17 август објави препораки за ЈП Комуналец Гостивар, меѓу кои континуирано следење на хлорот, автоматизирано мерење на параметрите за дезинфекција и почести контроли во водоводната мрежа. Но целосниот епидемиолошки извештај што го најави министерот не е видлив меѓу најновите јавно објавени документи на ИЈЗ.

СДСМ затоа повторно го насочува притисокот кон Владата и Министерството за здравство, со барање документот конечно да биде објавен и граѓаните да добијат целосен увид во причините, институционалните пропусти и резултатите од контролите во периодот на кризата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?