Најголемата опозициска партија во Северна Македонија, Социјалдемократски сојуз на Македонија, денеска обвини дека посетата на претседателот на Српска напредна странка, Милош Вучевиќ, на Македонија е поврзана со, како што наведуваат, „спасување на Орбановата медиумска мрежа“ во земјава. Од СДСМ тврдат дека на состанокот присуствувале и почесниот конзул на Македонија во Србија, Душан Адамовиќ, како и вицепремиерот Иван Стоилковиќ.
Во соопштението, СДСМ наведува дека Адамовиќ е „бизнис партнер на Мицкоски и офицер за врска меѓу сестринските партии СНС и ВМРО“, додека за Стоилковиќ тврдат дека е „долгогодишен соработник на српската БИА“. Од партијата оценуваат дека тројцата ги поврзува „љубовта кон Русија“, а како главен мотив за посетата на Вучевиќ ја посочуваат средбата со премиерот Христијан Мицкоски.
Опозициската партија обвинува дека целта е зачувување на, како што велат, медиумска мрежа која „со години служи за пропаганда“ на СНС и ВМРО-ДПМНЕ. Во тој контекст, СДСМ го споменува и Euronews, наведувајќи дека дел од агендата е поставувањето на новинарката Ивона Талевска за уредник за Македонија. Според партијата, во целиот процес улога ќе има и новинарот Драган Павловиќ Латас.
СДСМ во соопштението поставува и прашање „што точно прави почесниот конзул на Македонија во Србија на внатрепартиски состанок во Македонија“, оценувајќи дека Адамовиќ, покрај тоа што ја претставува СНС, ги застапува и интересите на Русија во регионот. Според опозициската партија, интересот на Москва е Македонија да биде „што подалеку од Европската Унија“.
Во завршницата од соопштението, СДСМ порачува дека „вистината излегува на виделина“ и повикува на „време на вистината, правдата и одговорноста“, испраќајќи ја пораката: „Реформи сега. Европа сега.“
