СДСМ: ЗНМ да реагира кога претседател на партија се споредува со убиец на деца

ЗНМ

 „Доколку било кој чинител во општеството има сериозни сомнежи за незаконитости пропусти за работењето на поедини медиуми, тие треба да се адресираат пред надлежните институции и преку законски процедури, а не преку јавни политички кампањи против конкретни новинари и медиуми.“ велат од ЗНМ и ССНМ.

Да точно е, прифаќаат од СДСМ во нивното соопштение, но, додаваат дека тоа е така во демократските земји на ЕУ, каде што постои слободно правосудство.

„Таму може да се поднесе пријава и да има разрешница, а во Македонија не може да има никаков резултат, затоа што Мицкоски ги има под целосна контрола судството и обвинителството и им дели задачи од собраниската говорница. Мицкоски ги постави сите свои луѓе во судството и обвинителството“, се истакнува во партиското соопштение. 

Почнувајќи од новиот јавен обвинител кој откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Мицкоски, и прво со случаите поврзани со Мијалков и бомбите а потоа и со одземањето на предметите за криминалниот имотот на ВМРО-ОКГ, се укажува во реакцијата. 

„Својот советник  Мицкоски го стави за судија во Уставен суд, сопруга на градоначалник на ВМРО назначи за член на Судски совет… Затоа се уште нема одговори од јавниот обвинител за објавените криминалните скандали и тендери: 161 тендер за една фирма, 51 тендери за друга фирма, 74 тендери за омилената фирма на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“, потсетуваат од СДСМ. 

Сметаат декаа има тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски, е оценката на опозициската партија.  

„Во вакви услови, злоупотребата на медиумите од страна на мрежата на Орбан е напад врз демократијата бидејќи медиумите треба да обезбедуваат навремено, точно и објективно информирање на граѓаните и да го штитат јавниот интерес“, се потенцира во соопштението.

Но, бидејќи ние не можеме, затоа што Мицкоски го узурпираше правосудството, ќе чекаме ЕУ да покрене процеси и ќе ја чекаме правдата, се вели во обраќањето до јавноста.

„Би сакале и ЗНМ да реагира кога претседател на политичка партија се споредува со убиец на 300 деца, како и кога секојдневно се води црна кампања со јавен линч“, се нагласува во завршницата на соопштението на СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен