Оперативното функционирање на системот, подготвеноста на јавните комунални претпријатија и вклученоста на граѓаните беа во фокусот на вториот панел на Регионалниот форум за управување со отпад, посветен на оперативноста, ризиците и вклученоста на граѓаните на кој говореа Сашка Брблјиќ, помошник раководител на Секторот за одржлив развој и инвестиции и финансиски експерт во проектната единица на регионалниот проект за цврст отпад при МЖСПП, Вера Благојевиќ, раководителка на службата за комунални работи на ЈКП „Златибор“, Општина Чајетина, Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална Коалиција“ и Мартин Николиќ, проектен координатор во SALAR International
Дискусијата отвори важни прашања за состојбата на терен. Анализата на капацитетите на јавните комунални претпријатија во Пелагонискиот и Југозападниот регион покажа дека системот сè уште се соочува со сериозни предизвици, од ад-хок пристапи во работењето, до недостиг на стандардизирани оперативни процедури, јасна организациска структура и финансиска стабилност. Беше истакнато дека иако се направени значајни чекори напред, потребни се дополнителни напори за да се обезбеди целосна подготвеност на претпријатијата за функционирање во рамки на регионалниот систем.
Во овој контекст, беа споделени и практични искуства од регионот, кои покажуваат дека трансформацијата е возможна. Со јасна визија, континуирани инвестиции и подобрување на управувањето, комуналните претпријатија можат постепено да преминат кон поефикасни и одржливи модели на работа.
Покрај техничките и организациските аспекти, посебен акцент беше ставен на градењето доверба. Беше нагласено дека транспарентноста, отчетноста и активното вклучување на граѓаните се клучни предуслови за долгорочна одржливост на системот. Без доверба во институциите и разбирање на процесите, ниту една реформа не може да даде целосен резултат.
Во дискусијата беа претставени и конкретните алатки и методологии развиени во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, имплементиран од SALAR International, кои имаат за цел да го подобрат оперативното работење на општините и јавните комунални претпријатија. Овие практични насоки претставуваат важна поддршка во транзицијата кон функционален систем.
Во вториот дел од панелот, фокусот беше ставен на активностите кои што следуваат. Беше нагласено дека општините имаат потреба од континуирана оперативна поддршка, зајакнување на капацитетите и пристап до знаење и ресурси за да можат да одговорат на барањата на регионалниот систем.

Дополнително, беше истакната важноста на активното учество на граѓанскиот сектор, особено во процесот на подготовка на новиот Регионален план за управување со отпад. Инклузивноста и воспоставувањето механизми за отчетност се клучни за да се обезбеди поголема транспарентност и поддршка од јавноста.
Како еден од клучните елементи за одржлив систем беше посочено и собирањето и анализата на податоците. Новата веб-платформа „Регион без отпад“ ќе овозможи централизирано собирање, следење и споделување на информации, што ќе придонесе за подобро планирање, носење информирани одлуки и поголема транспарентност.
Заклучокот од панелот беше јасен: воспоставувањето на функционален систем за управување со отпад не зависи само од инфраструктурата, туку и од силни институции, подготвени претпријатија и активни граѓани. Само преку истовремено јакнење на сите овие елементи, реформата може да даде долгорочни и одржливи резултати.