Скопје се најде меѓу десетте најатрактивни градови во светот за туристите кои патуваат сами, според најновото истражување на глобалната платформа GuruWalk, специјализирана за резервација на бесплатни пешачки тури со локални водичи.
Македонската престолнина е рангирана на осмото место на светската листа, изработена врз основа на анализата на резервациите направени во последните 12 месеци во повеќе од 150 туристички дестинации ширум светот. Истражувањето го мери уделот на патниците кои самостојно резервирале пешачки тури, што го прави еден од показателите за популарноста на градовите меѓу сè побројната група соло патници.
На врвот на листата е Торонто во Канада, по што следуваат Санта Ана во Ел Салвадор, Сао Паоло во Бразил, Тајпеј во Тајван и Куала Лумпур во Малезија. Скопје се најде во друштво на светски туристички центри, што претставува значајно признание за туристичката понуда на главниот град.
Според GuruWalk, соло патувањата бележат постојан раст во светски рамки. Сè повеќе туристи избираат сами да ги истражуваат дестинациите, а бесплатните пешачки тури со локални водичи се меѓу најпопуларните начини за запознавање на историјата, културата и секојдневниот живот во градовите што ги посетуваат. Истражувањето се темели на реални резервации и активности на корисниците на платформата, а не на субјективни оценки или туристички анкети.
Пласманот на Скопје во светскиот Топ 10 претставува позитивен сигнал за развојот на градскиот туризам и за сè поголемата препознатливост на македонската престолнина меѓу странските посетители.
Туристичките работници оценуваат дека ваквите меѓународни рангирања можат дополнително да придонесат за промоција на Скопје како дестинација што нуди богато културно наследство, разновидна гастрономија и автентично урбано искуство, особено за патниците кои сакаат самостојно да ги откриваат градовите што ги посетуваат.
