Студентка од Штип, која била во кочанската дискотека „Пулс“ во ноќта на пожарот, пред судот сведочеше дека пиротехничките средства биле поставувани во текот на вечерта и дека уште тогаш реагирала оти се наоѓаат премногу блиску до гостите. Нејзиниот исказ повторно го врати фокусот на едно од клучните прашања во судскиот процес: како сценски ефект во преполн локал се претворил во пожар што за неколку минути предизвика масовна трагедија.
Сведокот Теа од Штип изјавила дека во „Пулс“ пристигнала околу еден часот по полноќ, заедно со пријатели. На влезот, според нејзиното сведочење, имало двајца обезбедувачи, а масата на која седеле била поставена пред бендот, во непосредна близина на сцената. Таа пред судот кажала дека додека снимала со мобилен телефон забележала искри, а потоа и дека гори плафонот. Во првиот момент, како што сведочела, присутните не ја сфатиле опасноста целосно, сè додека член на бендот не повикал луѓето да излезат.
Во моментот на евакуацијата настанала голема турканица. Студентката сведочела дека зад неа се слушнала експлозија, а таа се заглавила меѓу влезната и излезната врата, по што почнала тешко да дише. На прашање дали кога била малолетна и одела во „Пулс“ ѝ барале лична карта, одговорила дека да, но дека не била сведок на полициски рации додека била присутна во дискотеката.
Ова сведоштво се надоврзува на претходни искази во судницата во Идризово, во кои повеќе сведоци опишаа слична слика: пожар кој започнал по активирање пиротехника, пламен што брзо се проширил на плафонот и стампедо кон излезот. На едно од претходните рочишта сведок изјави дека пожарот почнал околу 2:30 часот и дека доколку задоцнеле уште десетина секунди, веројатно немало да излезат живи.
Во други сведочења пред судот беше наведено дека во локалот имало малолетници, дека објектот бил преполн и дека не сите присутни веднаш ја препознале сериозноста на пожарот. Една од повредените сведочки изјави дека „додека стигнала од масата до вратата, диското изгорело“, а пред судот кажа и дека никој не ја упатил каде да се движи откако избувнал пожарот.
Поранешен вработен во дискотеката на претходно рочиште сведочеше дека пиротехника се користела и претходно, дека во објектот имало контроли, но дека забавата не била прекинувана. Тој изјави дека кобната вечер имало околу 500 луѓе, дека сите маси биле полни и дека, според неговото сведочење, во локалот имало и малолетници.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Дел од досегашните сведочења и обвинителната конструкција се движат околу употребата на пиротехника, условите во објектот, бројот на посетители, излезите, противпожарната заштита и институционалните контроли што требало да ја спречат катастрофата.
Судењето се наоѓа во доказна постапка, со сослушување сведоци предложени од Обвинителството. Паралелно со главниот предмет, во јавноста се следат и постапките против полициски службеници поврзани со контролите и со непреземените мерки околу употребата на пиротехника во објектот.