Судењето за „Пулс“ се заостри: одбраната бараше исклучување на јавноста по закани кон Дејан Јованов

Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, побара исклучување на јавноста од судењето, откако на претходното рочиште биле изнесени закани по неговиот живот. Барањето беше поднесено пред почетокот на денешната расправа во судницата во „Идризово“, каде продолжува процесот за пожарот во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Адвокатката Ивана Коцевска побара заканите да бидат внесени во записник и оцени дека судот има обврска да обезбеди ред во судницата и заштита на правата на обвинетите. Таа реагираше и на, како што наведе, селективност во мерките за обезбедување присуство и во постапувањето на Обвинителството, тврдејќи дека по службена должност требало да се постапи по изнесените закани.

На претходното рочиште, додека одбраната бараше укинување на притворот за Јованов, дел од оштетените бурно реагирале во судницата со извици упатени кон обвинетиот. Одбраната тоа го посочи како причина за „крајно неопходно“ исклучување на јавноста, со образложение дека атмосферата во судницата може да влијае врз безбедноста и текот на постапката.

Судијката Дијана Груевска Илиевска посочи дека досега ниту една закана, без разлика од која страна доаѓа, не била внесена во записник. Таа наведе дека судот ќе реагира постепено: прво со опомена, потоа со исклучување и казнување доколку има потреба. Според неа, оштетените во оваа фаза не се третираат како јавност, туку како странки во постапката, па исклучувањето на јавноста не може автоматски да се однесува и на нив.

Обвинителството се спротивстави на предлогот на одбраната, оценувајќи го како неоснован и незаконит. Обвинителката наведе дека се знае во кои околности може да се исклучи јавноста и дека таквата мерка не се однесува на странките и оштетените. Во однос на евентуалното гонење по службена должност за заканите, обвинителството посочи дека треба да се има предвид интензитетот на заканите и реалната можност за нивно остварување.

На почетокот на рочиштето, одбраната на Јане Јанчевски и Мартин Георгиев побара укинување на мерката куќен притвор, со тврдење дека повеќе не постојат причините за нејзино продолжување. Судот, пак, информираше дека како неосновани се одбиени барањата за укинување на мерките за обезбедување присуство на Беким Хаџиу и Тодор Јованов.

Обвинителството извести и дека сведокот Дарио Трифунов е во странство и нема да може да присуствува на судењето, поради што предложи да се чита неговиот исказ. Судот соопшти дека од МВР добил известување дека и сведокот Александра Пепеларовска не е достапна за органите на прогон.

Денешната расправа продолжува со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков. На претходното рочиште беа изведени обдукциските наоди и мислења за причините за смртта на жртвите, како и медицинската документација за повредените кои побарале лекарска помош по пожарот во кочанската дискотека.

Судењето за „Пулс“ останува еден од најчувствителните судски процеси во земјата, не само поради бројот на жртви и повредени, туку и поради силната емоционална тежина што ја носи секое рочиште.

Зачлени се на нашиот е-билтен