Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Трамп ја повлече подадената рака на американскиот народ што Џон Кенеди му ја пружи на светот

Амбасадата на САД, вчера, 27 јануари 2025 година, со соопштение ги информираше сите невладини и други организации што веќе имаат добиено, но и реализирано проекти во Македонија – да запрат со реализацијата и ништо да не исплаќаат, во согласност со извршната наредба на новиот претседател Доналд Трамп кој ја замрзна странската помош за сите земји, oсвен за Израел и Египет на 90 дена.

Во насоките на Стејт департментот, на кои се повикува амбасадата на САД во Скопје, се вели дека државниот секретар Марко Рубио иницира преглед на сите програми за странска помош за да се осигури дека тие се ефикасни и конзистентни со надворешната политика на САД во рамките на агендата „Америка прво“.

Кога беше основана Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), таа обедини неколку постоечки организации и програми за странска помош. Дотогаш, никогаш немаше ниту една агенција задолжена за странски економски развој, па со усвојувањето на Законот за странска помош од 1961 година од страна на Конгресот, активностите за странска помош на САД претрпеа голема трансформација.

Предводник на оваа трансформација беше претседателот Џон Ф. Кенеди. Претседателот Кенеди ја препозна потребата да се обедини развојот во единствена агенција одговорна за администрирање на помош за странски земји за промовирање на социјалниот и економскиот развој. На 3 ноември 1961 година се роди УСАИД, а со тоа и дух на напредок и иновација.

Полни 63 години УСАИД ја координираше и спроведуваше американската странска развојна помош од американскиот народ, како одраз на основните американски вредности – вредности кои се вкоренети во верувањето дека се прави вистинската работа.

 „Нема бегање од нашите обврски: нашите морални обврски како мудар водач и добар сосед во меѓузависната заедница на слободни нации – нашите економски обврски како најбогати луѓе во светот на главно сиромашни луѓе, како нација која повеќе не зависи од заемите од странство, што некогаш ни помогна да ја развиеме нашата сопствена економија – и нашите политички обврски како единствениот најголем противник на противниците на слободата“, рече на церемонијата на основањењто на УСАИД Џон Ф. Кенеди, дотогаш најмладиот избран претседател на САД, член на Демократската партија

УСАИД во Македонија

УСАИД Македонија во 2022 година прослави 30 години партнерство со нашата земја. Само една година по прогласувањето на независноста американската агенција за меѓународен развој стана партнер и поддржувач на развојот на Македонија во во напорите за зајакнување на демократските практики и институции, зголемување на економскиот развој и подобрување на квалитетот на образованието.

Поддршката за демократија е концентрирана на зајакнување на независноста, транспарентноста и професионалноста на судскиот систем и подобрување на парламентарниот надзор. УСАИД исто така им помага на граѓаните да го зголемат ефективниот надзор над нивната влада преку граѓанска вклученост и со промовирање на независни и легитимни медиуми.

Програмата за економски раст се концентрира на подобрување на деловната средина и зголемувањето на конкурентноста на малите и средни претпријатија во сектори со потенцијален раст и можност за отворање на нови работни места.

Помошта на САД во Македонија се менаџираше преку проекти на амбасадата и преку агенцијата УСАИД, а беше фокусирана на владеење на правото, на сајбер безбедноста, на животната средина, на развој на демократијата, подобрување на конкурентноста, на борба против корупцијата и за поголемо граѓанско учество. Само за судскиот систем САД дадоа речиси половина милијарда долари помош, што беше повод амбасадорката Ангела Агелер да се пожали во една прилика дека „зборувањето не е без пари“, односно дека се потрошени многу пари во јакнење на независноста на правосудството, а довербата во него сѐ уште е многу ниска.

САД даваа помош и за пандемијата (околу милион и пол долари), а вкупно од 1993 година, од кога работат на овој начин со Македонија, дадоа помош од речиси една милијарда долари, надвор од воената. Иако на удар на наредбата се главно невладини организации и медиуми, преку УСАИД помош добиваа и владини и други институции.

УСАИД работеше и со Министерството за образование со цел да им овозможи на младите знаења и вештини кои го зајакнуваат економскиот раст и го зголемуваат разбирањето на разликите кое е неопходно во едно мултиетничко општество. Агенцијата исто така се стреми на сите деца да им обезбеди еднаков пристап до образованието.

Зачлени се на нашиот е-билтен