Тренчевска: Како министер никогаш нема да ја доведам во прашање стабилноста на пензискиот фонд

Оваа Влада има направено многу во делот на системски решенија кои ќе носат добри резултати на долг рок. Едно од првите системски решенија беше и методологијата за растот на пензиите, решение кое дава реални резултати. Во март 2022 година пензиите беа 9.000 денари, а сега најниската пензија е 12.500 денари додека во септември најниската ќе изнесува 13.200 денари, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во дневникот на Телевизија 24.

Таа посочи на преземените мерки во текот на економската и енергетската криза и истакна дека тогаш на пензионерите од најранливата категорија им беа доделени финансиски средства од 3.000 или 6.000 денари согласно поставените критериуми. Тренчевска потсети и на социјалната реформа со која се воведе и социјалната пензија за оние лица кои ги немаат исполнето условите за пензија да можат да имаат месечен приход на своите сметки.

Ниту како човек, ниту како министерка нема да го доведам системот за пензиско и инвалидско осигурување во состојба во која не може да ги исплати пензиите на ниту еден пензионер. Во 2019 дефицитот на фондот беше 47%, секоја година како Влада го намалуваме, за моментално дефицитот да е една третина. Тоа се достигнува само со добри политики, рече Тренчевска.

Министерката нагласи дека оваа Влада работи транспарентно и дека на следната владина седница ќе биде формирана работна група која ќе работи на нови сет мерки кои ќе ги помогнат ранливите категории на пензионери со средства кои ќе паднат директно на централниот буџет и на системот на социјална заштита. Тренчевска потсети дополнително и на буџетски средства од централниот буџет кои се наменети покрај социјалната поддршка за капитални инвестиции каде бенефит имаат пензионерите.

Треба да знаете
Moже да ве интересира