Унгарските милијарди евра кредит под сомнеж – СДСМ бара обвинителска истрага

СДСМ

Опозициската СДСМ побара Јавното обвинителство да отвори истрага за, како што наведува, можни неправилности поврзани со заемот од една милијарда евра, кој Македонија го обезбеди преку договор со Унгарија, во контекст на најавите за ревизија на слични договори во Будимпешта.

Повикот доаѓа по изјавите на новиот унгарски премиер Петер Маѓар, кој најави преиспитување на меѓународните договори, вклучително и оние за кредити од Кина. Според СДСМ, овие најави отвораат прашања и за финансиските аранжмани на македонската влада, особено по објавите дека Унгарија во 2024 година земала заем од една милијарда евра од кинески банки, меѓу кои China Development Bank, Export-Import Bank of China и унгарската филијала на Bank of China.

„Освен бизнисите и релациите на Орбан новиот унгарски премиер Петер Маѓар најави преиспитување и на скапите меѓународни договори за кинеските кредити. Тоа директно ја засега и Македонија и македонските граѓани. Мицкоски и целата ВМРО-ОКГ се најблиските Орбанови партнери и пријатели на Балканот.Еден од тие скапи и нетранспарентни договори склучи Владата на Мицкоски со владата на Орбан со кој што ги задолжи граѓаните 1 милијарда евра“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка и член на ИО на СДСМ.

Од партијата тврдат дека постои поврзаност меѓу унгарските и македонските финансиски договори, посочувајќи дека токму во истиот период кога Унгарија го обезбедила кинескиот кредит, македонската влада склучила договор за заем со Будимпешта во идентичен износ.

СДСМ обвинува дека договорот бил нетранспарентен и дека јавноста не била целосно информирана за сите трошоци поврзани со задолжувањето. Како пример, наведуваат дека над еден милион евра биле исплатени за договорни услуги, без јасно образложение дали станува збор за банкарски провизии или консултантски ангажмани.

Од опозицијата велат дека искуствата кои, според нив, сега излегуваат на виделина во Унгарија – вклучително и наводи за скриени трошоци и нетранспарентни финансиски практики – треба да бидат сигнал и за македонските институции да постапат.

„Сè што сега се отвора како прашање во Унгарија мора да се провери и кај нас“, велат од СДСМ, додавајќи дека граѓаните имаат право да знаат под кои услови е земен заемот и каде завршиле средствата.

Партијата бара Јавното обвинителство да спроведе целосна истрага за, како што наведуваат, „кинеските пари“ поврзани со унгарскиот кредит, со цел да се утврди дали има евентуални злоупотреби или неправилности.

Зачлени се на нашиот е-билтен