Вакцините против грип пристигнаа, а порталот известува дека пријавувањето е завршено

Вакцините против сезонски грип веќе пристигнаа во Македонија, а вакцинацијата треба да започне во наредните денови. Сепак, граѓаните кои сакаат навреме да закажат термин се соочуваат со необична ситуација. На официјалниот портал за вакцинација на Министерството за здравство стои известување дека „Пријавувањето за вакцинација за сезонски грип е завршено“.

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска најави дека вакцинацијата се очекува да започне во периодот од 16 до 25 октомври. Во земјава веќе се пристигнати 30.000 дози вакцини, а дополнителни 26.000 се очекуваат до 15 ноември.

Но, додека здравствените власти го најавуваат почетокот на имунизацијата, електронската регистрација сè уште не е достапна.

На страницата vakcinacija.mk, преку која граѓаните претходно се пријавуваа за вакцинација против сезонски грип, нема информации за новата сезона 2026/2027. Наместо можност за регистрација, посетителите добиваат порака дека пријавувањето е завршено, без објаснување дали известувањето се однесува на претходната сезона и кога ќе биде овозможено новото пријавување.

Ваквата состојба создава неизвесност особено кај повозрасните граѓани, лицата со хронични заболувања и членовите на нивните семејства кои им помагаат при електронското закажување.

Според најавите на министерот, регистрацијата треба да се одвива преку системот „Мој термин“, но засега нема прецизна информација кога ќе започне пријавувањето и дали граѓаните ќе треба да ја користат досегашната платформа.

Вакцинацијата против сезонски грип е важна превентивна мерка, особено за лицата со зголемен ризик од компликации. Затоа, покрај обезбедувањето вакцини, неопходно е граѓаните навремено да добијат јасни информации за начинот на пријавување и местата каде што ќе се спроведува вакцинацијата.

Засега, иако се најавува дека имунизацијата ќе започне за неколку дена, останува неодговорено основното прашање за заинтересираните граѓани: кога и каде ќе можат да се пријават?

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?