Половина од проблемите што граѓаните од 12 македонски општини ги споделија со претставниците на Институтот РЕСИС, воопшто не се наоѓаат во изборните програми на нивните градоначалници. Ова го покажа анализата на РЕСИС, која беше претставена на јавна дебата одржана вчера во Берово.
На настанот, на кој учествуваа граѓани и претставници на општини од Источниот Регион, покрај анализата беше организирана и работилница за важноста и потребата од медиуми на заедницата, а беше презентирана и платформата „Локал Актив“, која низ спој на новинари и активисти информира и се залага за решавање на најважните проблеми со кои се соочуваат граѓаните од регионот.
Настанот го отвори Игор Мицевски од РЕСИС, кој ги запозна присутните со активностите на трите постојни „Локал Актив“ платформи и ја образложи нивната улога.

„’Локал Актив’ се обидува од една страна да создаде јавни сфери, а од друга страна да направи притисок за решавање на проблемите на граѓаните“, рече тој.
Работилницата ја водеше Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, која ја објасни улогата на овие медиуми на заедницата. Низ практични примери таа демонстрираше дека овие непрофитни медиуми покрај тоа што обезбедуваат простор за гласовите што се игнорирани од комерцијалните медиуми, придонесуваат за локален развој и го јакнат демократското учество.
Во вториот дел од настанот беше презентирана анализата во која локалните барања, кои РЕСИС ги собираше преку директни средби со граѓаните, беа споредени со изборните програми на актуелните градоначалници. Од 12 општини низ Македонија, дури половина од проблемите на граѓаните не се адресирани во предизборните ветувањата на градоначалниците, додека само 17 % од барањата се целосно вклучени во ветувањата на градоначалниците.

Анализата исто така покажаа дека најчестите проблеми со кои се соочуваат граѓаните се од областа на екологија и отпад, млади и образование и здравство. Од РЕСИС нагласија дека и понатаму ќе следат колку од барањата на граѓаните и од ветувањата на градоначалниците ќе бидат исполнети, а преку „Локал Актив“ ќе се актуализираат голем дел од овие теми што граѓаните ги споделуваа.
Слаѓан Пенев од РЕСИС дополнително презентираше дел од сториите на „Локал Актив“ на кои активно се работело во изминатите години — приказни каде што новинари и активисти не само што пишувале за важни локални теми, туку конкретно се заложиле за решавање одредени проблеми и постигнале реална промена во локалните средини.

Во јавната дебата, претставниците на општините истакнаа дека секоја година се изработува конкретен план за работа, во кој постојано се консултираат граѓаните. Претставниците од Општина Делчево истакнаа дека организираат форуми со граѓани и дека мислењата од овие форуми се земаат предвид при изработката на секој годишен план. Иницијативите како „Локал Актив“ беа истакнати како корисни, но напоменаа дека за голем дел од прашањата е потребна и поголема иницијативност од самите граѓани, вклучувајќи и нудење конкретни решенија.
Во дискусијата преовладуваа две теми што директно ги засегаат жителите на Источниот Регион – мобилноста, односно проблемите со јавниот превоз што помалите општини ги поврзуваат со поголемите, и потребата за подобрување на комуникацијата меѓу локалната власт и младите.
*Текстот е преземен од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.