Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Згасна млад живот, а Владата се критикува самата себе – Кој е виновен за нефункционалниот систем?

Револтот на граѓаните по трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова е разбирлив. Но, неразбирливо е кога владините функционери – премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски – се приклучуваат на осудата, како да немаат никаква одговорност за состојбата во системот што самите го водат.

Министерот Тошковски признава дека рецидивисти како убиецот на Фросина се оставени без контрола и дека постоечките механизми се недоволни. Прашува „дали законските решенија се соодветни?“ и „дали судството е премногу благо?“ – прашања што треба да ги постави себеси и на колегите од Владата.

Во исто време, премиерот Мицкоски зборува за „некрофилска политика“, а самиот користи трагедијата за политичка реторика, истакнувајќи дека системот „Безбеден град“ ќе реши вакви проблеми во иднина. Но, дали само технички решенија се доволни ако институциите не работат доследно?

Граѓаните со право протестираат против нефункционалниот систем – но истите тие институции не можат да глумат опозиција во сопствената власт. Ако нешто не функционира, одговорноста е на тие што го управуваат системот, а не на апстрактни „пропусти“.

Трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино, која го загуби животот во сообраќајна несреќа на улицата „Партизанска“ во Скопје, повторно го отвори прашањето за одговорноста на институциите. Возачот осомничен за несреќата има претходно криминално досие, што дополнително го зголеми револтот во јавноста.

Според податоците на МВР, минатата година животот го загубиле 24 пешаци, додека во 2024 година жртви во сообраќајни несреќи биле 853 пешаци, од кои 214 со тешки повреди. Овие бројки сè уште не се официјални, бидејќи законскиот рок за нивна обработка е 30 дена од последната несреќа во 2023 година.

Официјалната статистика покажува дека од 2010 година наваму, годишно на македонските патишта гинат помеѓу 116 и 198 лица. Најцрна година била 2013, кога во 170 сообраќајни несреќи загинале 198 лица.

Возачот без дозвола, под дејство на алкохол, поминал на црвено

Обвинителството соопшти дека возачот што ја прегази Кулакова немал возачка дозвола, бил под дејство на алкохол и ја поминал крстосницата на црвено светло.

– Осомничениот се движел пред пешачки премин регулиран со исправни семафори, но не застанал на црвеното светло, туку продолжил со движење и ја удрил жртвата, која легално преминувала улица. Од здобиените повреди Кулакова починала на лице место – стои во соопштението.

Возачот е познат на органите на прогонот. Во април 2024 бил приведен за друго кривично дело, а на 21 мај обвинителството покренало обвинение и побарало продолжување на притворот. Судот го осудил на воспитна мерка – упатување во воспитно-поправна установа, што предизвика реакции во јавноста.

Обвинителството дополнително откри дека против него имало уште една пријава за сообраќајна несреќа од ноември 2022 година, кога едно лице било полесно повредено. Наместо судска постапка, осомничениот се согласил да плати 18.000 денари.

Протести во неколку градови

Трагичниот настан предизвика бран незадоволство во јавноста. Граѓаните бараат правда за Фросина и поголема безбедност на улиците. Денес во 15 часот во Неготино ќе се одржи мирен собир во нејзина чест, а слични протести ќе има и во Скопје во 13 часот, како и во Кавадарци во недела.

– Живееме во општество каде што возењето под дејство на алкохол е нормализирано. Време е да кажеме „Доста е!“ – порачаа организаторите.

Поддршка за протестите изрази и студентското движење „Студентски отпор“, истакнувајќи дека оваа трагедија е последица на системските пропусти кои ја загрозуваат безбедноста на сите граѓани.

– Институционалната негрижа не само што ни ги краде можностите, туку резултира и со непоправливи загуби – порачаа студентите.

Јавноста очекува конкретни мерки, а семејството на Фросина Кулакова – правда која нема да биде само празно ветување.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен