Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицотакис најава надградба и изградба на граничните премини, во приоритетите е и оној кај Лемос, односно Маркова Нога кај Преспа

Надградба на главните копнени гранични премини на Грција кон соседните земји, меѓу кои и Евзони-Богородица, како и новиот што треба да се отвори во регионот на Преспа, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Традиционално, секоја недела Мицотакис на Фејсбук објавува седмичен преглед, а денеска, со оглед на тоа што е прв за годинава, се осврна на заложбите на Владата за 2025 година, меѓу кои е и подобрувањето на работата на граничните премини.

Објасни дека надградбата започнува со преминот Кипи во Еврос кон Турција, проект за кој е во тек тендерот од 12,9 милиони евра, а со кој според Мицотакис, „се очекува да се намали времето на чекање за минување на возилата за 75 отсто“ и се проценува дека проектот ќе биде завршен до крајот на 2025 година.

  • По Кипи ќе следи надградба на сите главни копнени гранични премини (Кастаниес кај Еврос, Евзони, Лемос во Преспа, Какавија и Кристалопиги). Нивната сегашна слика не е соодветна за европска држава како Грција. За прв пат по децении, ќе се изврши градежна и технолошка обнова на сите централни влезни/излезни точки во земјата, со цел побрзо да се опслужуваат посетителите и трговскиот транспорт. Намалувањето на времето на чекање на влезовите и излезите на земјата ќе придонесе за економска и туристичка стимулација на северна Грција, од Тракија до Епир, напиша Мицотакис.

За влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната од почетокот на годинава, посочи дека „ќе го зголеми транзитот кон Грција, кој и онака беше голем“, а во 2024 година низ бугарско-грчката граница кај Промахонас поминале 8.600.000 луѓе“.

Министерот за внатрешни работи на Грција Тодорис Ливаниос, во интервјуто за грчкиот весник „Прото тема“ минатата седмица, говорејќи за граничните премини рече дека планираат целосна модернизација што започнува со Кипи, а потоа ќе следат копнените премини Евзони кон Северна Македонија и Кастаниес кон Турција.

Со надградбата на граничните, според најавите, се очекува да се намали времето на чекање, кое минатото лето на Богородица-Евзони, поради големиот број туристи, во одредени денови достигнуваше и до пет часа.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во понеделникот соопшти дека „со Грција работиме на забрзување на граничниот премин Богородица и за многу кратко време ќе работиме на реконструкција на граничните премини на Дојран и на Меџитлија со цел тие три гранични премини да се функционални“.

Зачлени се на нашиот е-билтен