„Ти си 80-то годиште“ – лекар најавува штрајк со глад

Лекар најавува штрајк со глад откако, како што тврди, третпат не бил избран на оглас за вработување на Медицинскиот факултет во Скопје, а неговата возраст повеќепати била споменувана во постапките. Д-р Дарко Василевски ја оспорува транспарентноста на последниот избор за две работни места во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија и бара образложение според кои критериуми биле избрани другите кандидати.

Како што објави „Скопје1“, Василевски вели дека неговото соочување со наводната возрасна дискриминација започнало уште во 2022 година. Тогаш, според неговото сведоштво, член на комисијата прво го оценил како „солиден специјализант“, но потоа му пренел дека ставот на катедрата бил оти е премногу стар за работното место и дека не може академски да напредува.

Василевски повторно конкурирал во 2023 година, овојпат за работно место на друг институт. Тој тврди дека и на тоа интервју комисијата ја отворила темата за неговата возраст, посочувајќи дека помлади колеги веќе стекнале научно-наставни звања и дека тој би требало да прима наредби од нив.

Четири години по првото конкурирање, на последното интервју во 2026 година, неговата година на раѓање, според тврдењето на Василевски, повторно била директно спомената со зборовите: „Ти си 80-то годиште“.

Последниот оглас предвидувал вработување двајца доктори по медицина на неопределено време. Василевски вели дека кандидатите не биле тестирани, туку изборот бил направен врз основа на доставената документација и интервјуто. Тој тврди дека ги исполнувал условите и дека бил единствениот кандидат што ги завршил сите турнуси од специјализацијата по спортска медицина, програма за која е надлежен токму институтот каде што конкурирал.

Според документите објавени од „Скопје1“, Медицинскиот факултет на 14 септември го известил дека се избрани двајца други кандидати. Во известувањето не биле наведени критериумите според кои бил направен изборот.

Два дена подоцна, Василевски писмено побарал да му биде доставена официјалната одлука или решение со правна поука, за да може да ги искористи понатамошните законски можности. До моментот кога одговарал на новинарските прашања, како што наведува, не добил повратен одговор.

Василевски признава дека нема писмени докази оти изборот бил однапред договорен или дека имало фаворизирање и судир на интереси. Тој, сепак, бара целата постапка да биде јавно образложена и да се утврди дали неговата возраст влијаела врз одлуката.

„Скопје1“ испратил прашања до Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство, но до објавувањето на текстот не биле добиени одговори. Непознати остануваат критериумите според кои биле избрани кандидатите, како и дали изјавите за возраста навистина биле дадени за време на интервјуата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?