Во Струмица денеска е одбележана 153- годишнина од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад се одржа пригодна свеченост на која за неговиот живот и дело зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.
„Еве уште еден говор посветен на Гоцета. Да се чита и зборува за него е повеќе од чест и гордост, повеќе од задоволство и повеќе од будење на најсензитивните емоции кои може да ги поседува еден човек. Такви емоции не може да предизвика ниту еден друг од плејада историски ликови од пребогатиот повеќевековен македонски споменар. Тоа го може само Гоце Делчев, јунакот кој живееше само 31 година, а остави белег во македонското битисување за вечни времиња“, рече Костадинов.
Пред споменикот на Делчев ученици ООУ „Гоце Делчев“ од село Вељуса изведоа рецитал, а претставници на политички партии, институции, здруженија и граѓани положија цвеќе.