Алкохол и волан во Србија: што мора да знаат македонските возачи

Возачите од Македонија кои патуваат во Србија треба да внимаваат на строгите правила за возење под дејство на алкохол, бидејќи казните не се само парични. Во зависност од нивото на алкохол, следуваат исклучување од сообраќај, казнени поени, забрана за управување, а кај потешките прекршоци и затворска казна.

Според објавената казнена карта, за возачи за кои важи нулта толеранција, како почетници, професионални возачи и одредени категории мотоциклисти, и најниско ниво на алкохол до 0,2 промили носи казна од 10.000 динари и исклучување од сообраќај на 12 часа. Истата казна се применува и за возење со 0,21 до 0,50 промили.

За возење со 0,51 до 0,80 промили казната изнесува од 10.000 до 20.000 динари, со шест казнени поени и забрана за управување најмалку три месеци. Доколку кај возачот се утврди од 0,81 до 1,20 промили, казната се зголемува на 20.000 до 40.000 динари, со осум казнени поени и забрана за управување најмалку четири месеци.

Најстрогите санкции се предвидени за потешка алкохолизираност. За повеќе од 1,20 до 1,60 промили следува казна од 100.000 до 120.000 динари или затвор од најмалку 15 дена, девет казнени поени, задржување во полиција и забрана за управување најмалку осум месеци. За повеќе од 2,00 промили, што се третира како насилничко возење, следува затвор од 30 до 60 дена или работа во јавен интерес, 15 казнени поени и забрана за управување најмалку девет месеци.

Одбивањето алкотест или тест за психоактивни супстанции исто така се третира како тежок прекршок. Во таков случај казните се движат од 100.000 до 120.000 динари, со задолжителна затворска казна од најмалку 15 дена и 14 казнени поени.

Српската Агенција за безбедност во сообраќајот ја спроведува кампањата „Во кола без алкохол“, со порака дека алкохолот и возењето не одат заедно. Од агенцијата предупредуваат дека младите се особено ранлива категорија во сообраќајот и дека секоја петта загината личност во Србија е на возраст од 15 до 30 години.

За македонските граѓани кои често патуваат во Србија, особено за викенди, празници или транзит кон Унгарија и Централна Европа, најбезбедната препорака е едноставна: доколку се консумира алкохол, возилото да не се управува. Такси, јавен превоз, трезен сопатник или професионален возач се далеку поевтини од казна, забрана за возење или постапка пред српските органи.

Зачлени се на нашиот е-билтен