Експлозија се случи вечерва во близина на Зубин Поток на северот на Косово, а во неа тешко е оштетен каналот за вода на јавното препријатие за вода „Ибар-Лепенац“, со кој голем дел од Косово се снабдува со вода и струја, јави „Радио Слободна Европа“.
Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија дека стои зад експлозијата, а нападот го осудија претставниците на западните земји во Приштина, како и Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово поддржана од властите во Србија.
Курти рече дека станува збор за „криминален напад од терористи“, кои, како што рече, планирале да оштетат важна инфраструктура.
Тој ги повика граѓаните да останат смирени и да ги следат официјалните соопштенија на институциите кои „се ангажираат за менаџирање на состојбите и санирање на штетите“.
Курти изјави дека поради оштетувањето на каналот Ибар-Лепенац, многу делови на Косово би можеле да останат без струја во утринските часови на 30 ноември, а неколку градови, меѓу кои и дел од Приштина, може да останат без вода.
Министерот за внатрешни работи Џелал Свечља, кој дојде на местото на настанот, изјави дека пред 19 часот се слушнала експлозија и дека е оштетен дел од каналот Ибар-Лепенац, кој се смета за критично важна инфраструктура.
Тој го оцени како „терористички чин“ оштетувањето на каналот. Свечља рече дека се мобилизирани институциите за да се санираат штетите и граѓаните да не трпат последици.
„Императивна должност на безбедносните институции е да ги пронајдат терористите кои го извршија овој терористички чин и да ги изведат пред лицето на правдата“, рече министерот.
Јавното претпријатие за водовод „Ибар-Лепенац“ е акционерско друштво со седиште во Приштина и е мултифункционално претпријатие кое ја снабдува индустријата, водоводите и земјоделството со вода, а произведува и струја од хидроцентралата Ујман.
Регионалното водоводно претпријатие од Митровица соопшти дека е прекинато снабдувањето со вода за пиење поради оштетување на каналот.
Главната српска партија во Косово, Српска листа, која ја има поддршката од Белград, рече дека остро го осудува инцидентот со кој е предизвиката штета штетата на каналот за вода во селото Варага.
„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека овој чин е апсолутно против интересите на српскиот народ и бараме од КФОР и ЕУЛЕКС итно да го истражат овој случај“, соопшти оваа партија преку објава на социјалните мрежи.
Во соопштението е наведено дека оштетувањето на каналот за вода, освен што го загрозува водоснабдувањето на граѓаните, „предизвикало загриженост и кај Србите на северот на Косово“.
Врз основа на владините документи, од системот Ибар-Лепенац во Ујман до Зубин Поток, северот на Косово се снабдува со вода за пиење, но и Приштина и неговата околина. Со овој хидросистем се снабдуваат со вода и термоелектраната „Обилиќ“, а покрај тоа, водата од акумулацијата Ујман се користи и за наводнување на земјоделски површини. Самиот канал Ибар-Лепенац е долг 49 километри, од езерото Ујман до езерото Бадоц кај Приштина.
Вкупно седум општини јужно и северно од реката Ибар, се снабдуваат со вода од Ујман, и тоа: Јужна и Северна Митровица, Звечан, Вучитрн, Глоговац, Србица и дел од Приштина.
Освен нив, од снабдувањето со вода од ова вештачко езеро целосно зависат и термоелектраните „Косова А и Б“, „Трепча“ и „Фероникел“.