Унгарскиот премиер Петер Маѓар оцени дека е симболично што возот меѓу Будимпешта и Белград пристигнал политички пред да тргне на шини, коментирајќи ја победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар уште еднаш реагираше на исходот од парламентарните избори во Србија, на кои движењето „Студентска листа – студентите победуваат“ извојува убедлива победа.
Маѓар на социјалната мрежа Икс упати порака во која направи директна паралела меѓу политичките промени и контроверзниот инфраструктурен проект за железничко поврзување меѓу двете држави.
„Сигурно не бев единствениот кого го обзедоа носталгични емоции кога синоќа ги виде фотографиите што пристигнуваат од Србија. Симболично е тоа што ‘Будимпешта експрес’ пристигна во Белград политички, пред да тргне на шините“, напиша Маѓар.
Проектот за брзата пруга меѓу Будимпешта и Белград подолг период е под лупа на јавноста. Во Србија изградбата беше обележана со трагедијата на железничката станица во Нови Сад, каде при пад на бетонската настрешница загинаа 16 лица, што иницираше сомнежи за масовна корупција и предизвика протести предводени од студентите.
Истовремено, новата власт во Будимпешта најави истрага за можни финансиски и процедурални злоупотреби на унгарскиот дел од делницата. Во Унгарија неодамна завршија безбедносните тестирања, а редовната линија меѓу двата града требаше да биде воспоставена во декември.
Маѓар синоќа имаше и телефонски разговор со претставниците на Студентската листа, при што им го честиташе изборниот резултат и наведе дека им пренел уверување за поддршка од официјална Будимпешта.
Парламентарните избори во Србија се одржаа по речиси двегодишни граѓански протести, а досегашниот претседател Александар Вучиќ го призна изборниот пораз.

