Грција на 3 октомври ќе ѝ ги предаде на Бугарија посмртните останки на Цар Самоил, со што треба да заврши прашање што со децении беше дел од односите меѓу Атина и Софија.
Според информациите објавени во бугарските и грчките медиуми, останките треба да пристигнат во Софија, каде што е најавено јавно одбележување. Бугарскиот премиер Румен Радев ги повика граѓаните на 3 октомври во 12:30 часот да се соберат на плоштадот „Кнез Александар I Батенберг“, по што е предвидена поворка до црквата „Света Софија“.
Останките на Самоил биле откриени во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос при ископувањата на базиликата „Свети Ахил“ на истоимениот остров во Малото Преспанско Езеро, на територијата на денешна Грција. Со децении тие се чуваат во Солун.
Бугарија подолго време бара нивно предавање. Прашањето повторно било отворено на високо политичко ниво во 2022 година, за време на владата на Кирил Петков, во период кога Софија и Атина ја засилија соработката во енергетиката, инфраструктурата, логистиката и пристаништата.
Грција со години го поврзувала прашањето и со сопствени барања за враќање црковни реликвии, ракописи и други културни добра однесени од манастири во северна Грција за време на двете светски војни. Според грчките медиуми, за предавањето на останките било потребно да се обезбеди и согласност од Грчката православна црква.
Останките на Самоил и претходно беа предмет на политички контакти меѓу двете земји. Во 2014 година тогашниот бугарски претседател Росен Плевнелиев им оддаде почит во Музејот на византиската култура во Солун, а една година подоцна јавно порача дека Бугарија треба да продолжи да бара нивно пренесување во земјата.
Темата има посебна чувствителност и за Македонија поради различните историски интерпретации за Самоил и неговата држава. Прашањето беше разгледувано и од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Скопје и Софија.
Во официјално објавената препорака на Комисијата се наведува дека цар Самоил бил владетел на голема средновековна држава која „поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар на територијата на денешна Република Северна Македонија“. Во истиот документ Самоил и неговата судбина се определуваат како симбол на заедничката историја што ја споделуваат двете земји.
Предавањето на останките на 3 октомври затоа има значење што оди подалеку од нивното физичко пренесување од Грција во Бугарија. За Софија станува збор за долгогодишно барање поврзано со бугарската историска меморија, за Атина за затворање на прашање присутно во билатералните односи со децении, додека во Македонија настанот повторно ја отвора темата за Самоил и различните начини на кои неговото наследство се толкува во регионот.

