Пожар и експлозија избувнаа во магацин за оружје во централниот дел на Бугарија, објавија утрово локалните медиуми и официјални лица, што е втор ваков инцидент на слично место во последните неколку дена.
Пожарот избувнал во близина на селото Царева Ливада и нема информации за повредени, пренесува Ројтерс.
Гувернерката на Габровската област, Кристика Сидорова, им изјави на новинарите дека пожарот избувнал во магацинскиот комплекс на фабриката и дека „се шири од еден магацин во друг“.
Локалните медиуми, повикувајќи се на претставник на фабриката за оружје EMCO, објавија дека пожарот се случил на локација управувана од таа компанија, која веќе доживеала експлозија во друг нејзин објект минатиот месец.
ЕМКО го води бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев, за кого обвинителството тврди дека бил цел на нападите на руските оперативци врз неговите објекти.
Москва ги отфрли ваквите тврдења.

