Студенти денеска протестираа во Приштина против првостепените пресуди на Специјализираните совети на Косово во Хаг за поранешните лидери на ОВК, а на протестот присуствуваше и градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, кој повика на единство по одлуката на судот.
Рама изјави дека на протестот дошол како граѓанин и дека во актуелниот момент е потребно обединување.
„Денеска сме сите заедно. Да бидеме едно, да бидеме заедно“, порача Рама, пренесуваат косовските медиуми.
Протестот следува по пресудата од 16 септември на Специјализираните совети во Хаг, со која Хашим Тачи и Јакуп Красниќи беа осудени на по 25 години затвор, Кадри Весели на 18, а Реџеп Селими на 13 години. Во казните ќе биде пресметано и времето поминато во притвор.
Судскиот совет ги прогласи четворицата за виновни за воени злосторства – незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, тортура и убиство. Според пресудата, кривичната одговорност се однесува на незаконско притворање на 385 лица, тортура на 303 лица, сурово постапување кон 49 и убиство на 96 лица.
Истовремено, судот ги ослободи обвинетите од обвиненијата за злосторства против човештвото, оценувајќи дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека постоел широк или систематски напад насочен против цивилно население. Тие беа ослободени и во однос на дел од конкретните инциденти опфатени со обвинението.
Пресудата предизвика остри реакции во Косово и протести на поддржувачите на поранешните лидери на ОВК. Дел од косовските политички претставници ја оценија одлуката како неправедна, додека Специјализираното обвинителство ја поздрави како важна за владеењето на правото и одговорноста за воените злосторства.
Судот при изрекувањето на пресудата нагласи дека постапката се однесува на индивидуалната кривична одговорност на обвинетите, а не на легитимноста на ОВК или на борбата за независност на Косово.

